Достапни линкови

logo-print

Потребата за бегство од реалноста на македонските граѓани поголема од кога и да е


24 часа по експозето на господинот премиер, и неговата потреба да не убеди дека од задутре од нашите крави, кои единствени од оваа намачена земја, без визи во патните исправи можат да патуваат во цивилизираниот свет, ќе почне да тече мед и млеко – ставени сме на искушение. Дали да се „крстиме“ во неговата визија за нови работни места, ефтини станови, здравствени картончиња за сите здрави и болни, бензиски пумпи, доаѓањето на Сименс и Лукоил заедно? Или да му „стегаме прсти“ на Мартин – да ни го разубави денот. Иако ќе биде ноќ над Европа. Ајде да бидеме реални, оспоруван, плукан, сега фален – тој без сомнеж ќе го стори најдоброто. Ќе си ја отпее „Мејк мај деј“ од тато, најдобро што знае и умее. Дури и оние разголени позајмени убавици сигурно уште посилно ќе се „расфрлаат“ со колковите се со цел силно да си ја разбудиме балканштината во нас. Оти нели, на нејзините крила се возиме, вака како што се возиме. Добро си го знае тоа и Драган, а богами редно беше и ние оттука, од сиромавиот југ на Европа конечно да си ја научиме лекцијата од досетливите серњаци и неговиот патентиран пеколен план за доминација, дури и на ваквите традиционални „мешетарски“ манифестации. Ред е и ние малку да ги „дрибламе“, како што тие тоа го правеа децении наназад. И нека не глумат лудило молам. Инаку, нашава песничка, ако тоа воопшто е важно во целава бркотница, ни ронка не е полоша од другите. Идеално се вклопува во годинешниов мозаик на потпросечни, главно етно и поп квази метал сочиненија. Но, приказната едно зачудува. Како тоа речиси сите претенденти за престолот на распеаната стара дама, одеднаш по вирусот на Руслана во Истанбул, му се настрвија на традиционалниот фолклор на својата земја и од петни жили се трудат да го изрезилат она што народниот мудрец го создавал векови наназад. Та дури и на сцена ни вадат и баби и жаби, буриња, тапани, гајди, небаре со нивниот звук заспиваат и драмат ли драмат. И згора, дознаваме дека оваа на ти го, дај ми го приредба, чија важност е катактеризирана до степен – „да се биде или не“ ќе ја гледале 200 милиони во светот. Значи ли дека исто толку не има што мислат оти утре ќе биде бетер, па во недостаток на други содржини саде со ова си го чешламе умот? Којзнае? Часовите до одлуката се бројат, Мартин верувај во себе и во бога, ние ќе веруваме во тебе, оти малку што за верба ни остана. И не му ја секирај што некои таму патем ќе те резилат оти толку им сече и што госпоѓата Министер, не дојде да те бодри со смешно и наивно образложение. Овде кај нас меѓу плотовиве никого не сме прогласиле за пророк, тоа е посилно од нас!
XS
SM
MD
LG