Достапни линкови

Редефинирање на улогата на најстарата паневропска организација во модерна Европа


Советот на Европа, најстарата пан европска политичка организација е во процес на редефинирање на својата улога во модерната Европа. Токму тоа е една од главните теми на дводневниот самит во Варшава на лидерите или шефовите на влади на четириесет и шесте членки на ова тело кое е формирано во далечната илјада деветстотини четириесет и деветата година.

Советот на Европа е предводникот на сите пан континентални тела, како на пример Европската Унија и ОБСЕ. Сегашниот самит во Варшава, од кој патем кажано, отсуствуваат само претставниците на Белорусија, е и само трет од таков вид во долгата историја на Советот. Свикан е со цел итно да се расправа за зачувување на важноста на оваа институција во Европа во Дваесет и првиот век. Заменик секретарот на Советот Мауд Де бер Бугичио вели:

„Многу е важно сега кога Европската Унија се проширува и географски го покрива подрачјето што е дел од Советот на Европа, да реафирмираме дека тоа претставува пан европско подрачје кое се базира врз заеднички вредности и стандарди.“

Генералниот секретар на Советот Тери Дејвис пак, смета дека Европа ја прерасна состојбата на постојани конфликти и стана регион каде што се почитуваат демократијата, човековите права и владеењето на правото. Но, таквата транзиција се уште не е комплетирана, наведува Дејвис, додавајќи дека тоа особено важи за изминативе петнаесет години кога беа забележани војни и злосторства на Балканот, Јужен Кавказ и Русија. Како и да е, Советот на Европа веќе не е единственото тело кое работи на промовирање на човековите права и на демократските вредности во европски контекст. Тука е и Европската Унија во која веќе членуваат некои земји кои првите чекори кон демократијата ги направија токму како членки на Советот на Европа. Тука е и ОБСЕ чии активности честопати се преклопуваат со оние на Советот. Меѓутоа, Де бер Бугичио е убедена дека се уште има место за дејствување на Советот.

„Ние етаблиравме многу јасни начини на дејствување меѓу Советот и ОБСЕ. Слично на тоа веќе имаме прагматичен начин на заедничка работа со Европската Унија, особено во југоисточна Европа и во јужен Кавказ.“

Вели де бер Бугичио, додавајќи дека Советот е најдобро место за интензивирање на меѓукултурниот и меѓуверскиот дијалог.
XS
SM
MD
LG