Достапни линкови

logo-print

Зоран Јовановски, потсекретар на граничната полиција на Македонија. Длабинското поефикасно од армиското обезбедување на границата


Господине Јовановски, граничната полиција и официјално ја презеде контролата на северната граница со СЦГ и делот кон Косово, очекувате ли проблеми во овој дел од државната граница имајќи предвид дека демаркацијата на граничната линија сеуште не е завршена?

Демаркацијата, како политички проблем оставаме да си го решава политиката. Ние како професионална гранична полиција сме задолжени да ја обезбедуваме границата, и ја преземаме границата од Руен до Стрезимир и ќе имаме 11 полициски станици со шест гранични премини. Во нашата меѓународна соработка, односно соработката со соседите, УНМИК и КФОР, имаме инзвонредна соработка. Имавме повеќе состаноци на кои разменуваме информации, а во иднина ќе имаме и размена на офицери, односно, наши офицери ќе имаме на Косово и нивни кај нас. Така што, информациите ќе бидат секојдневно разменуваме и се надеваме дека ќе немаме проблеми во обезбедувањето на границата.

Кога планирате целосно да заврши обезбедувањето на контролата на државните граници од страна на полицијата, ви преостанува уште западниот дел од границата со Албанија?

Пред да го почнеме процесот на преземање на надлежностите од АРМ се направи план во кој се предвиде во рок од две години да се преземе комплетно надлежноста. До сега работиме по планот и немаме отстапено од предвидените рокови. Последниот рок е септември месец и планираме комплетно да го преземеме обезбедувањето на државната граница.

Полицијата веќе ги обезбедува јужната и источната граница, што покажува вашето искуство?

Па, оној линиски, армиски начин на обезбедување на границата го напуштивме и преминавме на нов метод на обезбедување на границата, а тоа е длабинско обезбедување, каде што се покажа дека е поефикасен и се надевам дека со комплетирањето на преземањето на обезбедувањето на границата се надевам дека ќе бидеме поефикасни во спречувањето на илегалното преминување и на организираниот шверц на акцизна стока, оружје, дрога итн.

Дали граничната полиција е поефикасна во обезбедувањето на границата од АРМ?

Па да. И самите резултати на откриени кривични дела и прекршоци покажува дека 2004 година имаме поголем број од претходните години.

Колкав е бројот на граничните полицајци и колку во структуирањето на вашата единица помогна армијата?

Во договорот што го направивме пред да отпочнеме со преземањето вкупно имаме околу 1400 професионалци од АРМ, а останатата бројка до 2,700 се од редовите на полицијата.

Каква е застапеноста на другите заедници во граничната полиција?

Процентуалната застапеност на националностите е околу 20 насто во граничната полиција што по мене е на задоволително ниво.
XS
SM
MD
LG