Достапни линкови

Светот да остане буден зашто идеологиите за доминација на една врз друга нација сеуште се присутни


60 години од завршувањето на Втората светска војна извлече ли светот поука од она што се случуваше за време на фашизмот? Глобалната политика е исправена пред нови појави и предизвици кои предупредуваат на појава на фашистичката идеологија, но во нови облици. Професор Новица Велјановски од Инстиутот за национална историја вели:

„Победата над фашизмот во 45 година не значи дека тој пак нема да се појави ако општеството остане небудно. Не е исцрпена желбата за доминирање на една врз друга нација.“

Обединувањето на земјите од светот во борбата против фашизмот беше од големо значење, но 60 години подоцна, во светот сеуште е присутна идеолошка поделеност и оспорување на антифашизмот. Во овој контекст професор Вељановски вели.

„Се присутни тие идеологии, да се појават нови националистички струења. Затоа мислам дека фронтот во борбата против фашизмот треба да продолжи,“

изјавува професор Велјановски.

Кога станува збор за Македонија конкретно Втората светска војна и активното вклучување имаше посебно значење. Имено, во обединувањето во борбата против фашизмот, имаше и една друга димензија, борба за создавање на своја самостојна држава.

„Македонскиот народ заедно со другите етнички заедници активно се вклучи во НОБ, секако позитивно за тоа придонесе признавањето на правото на македонскиот народ за создавање на своја држава, тоа посебно се гледа низ одликите на АВНОЈ и АСНОМ,“

потенцира историчарот Лазар Лазаров.

За оваа втора димензија создавањето на македонска држава, си споменуваат и самите учесници во Народноослободителната војна.

„Тоа што се одигра во Втората светска војна воглавно е национално ослободување затоа што сме се бореле за своја држава и против фашизмот,“

Изјавува Никола Стојановски, учесник во НОБ.

Сепак од времето на Втората светска војна заблежуваат историчарите останува нереализираната идеја и сеуште неодговорено прашањето околу обединувањето на сите три дела на Македонија.

„Имаше еден стремеж за обединување на Македонците од сите три дела. Југословенското раководство не го одби тоа, но начелно како приоритетно беше прашњаето за уништување на фашизмот, а во втора фаза ќе се постави прашањето за обединување на Македонија. За ова прашање треба понатамошна анализа и на внатрешните и на меѓународниот фактор,“

заклучува професор Лазаров.
XS
SM
MD
LG