Достапни линкови

Платите „паѓаат“


Висината на платите, во земјава се намалува, говорат податоците на Заводот за статистика. Платата исплатена за месец февруари оваа година, е помала за 2,8 проценти во споредба со претходниот месец, односно јануари.

„Во февруари 2005 година, просечно исплатената нето плата изнесува 12.241 денар, што во однос на јануари 2005-та, претставува номинално намалување за 2,3%, а реално намалување за 2,8%.“

изјавува Мира Тодорова од Државниот Завод за статистика.

Најчесто намалувањето на платите зависи од одлуката на работодавецот, што е главна причина за нивното намалување, велат од Заводот за статистика но секако дека таа е и реален одраз на лошата економска ситуација.
Со овој последен пад на висината на платите добија ,,удар,, и оние кои спаѓаат во ретките кои земаат месечен надомест, со оглед на високиот процент на вработените кои воопшто не зеле плата.

„За месец февруари 18,4% од вработените воопшто не примиле плата.“

соопштува Тодорова од Заводот за статистика.

Она што го бележат статистичките податоци, е само дополнување на економската слика на државава. Неизвесноста како да се врзе крај со крај во месецот е проблем, велат граѓаните, со кој со години живееме:

,,Како доволно? Јас примам околу 6 000 денари и ни за 10 дена не стигнуваат. Ни за комуналии, ни за храна не стигнува, а не па за друго.“

„Ништо не стигнува. Сметките неможеме да ги платиме, заостануваат со камати. Јас во Охис вработена сум и од 2003 година немам земено плата.“

„Порано работев во Железара, но не избркаа.“


И покрај статистиката и реалните проблеми околу немаштијата со кои се соочуваат и на кои укажуваат граѓаните, Владата оценува дека македонската економија се развива.

„Наспроти општото уверување дека македонската економија стагнира или назадува, македонската економија оди напред. Исто така, Македонија веќе 18 месеци не го зголемува бројот на невработените, што е еден индиректен податок за вкупната состојба во економијата.“

Потеницра Министерот за финансии Никола Поповски.
XS
SM
MD
LG