Достапни линкови

Владата ќе формира нов експертски тим


По недоразбирањата и распуштањето на првично формираниот експертски тим, Владата започна поинаков пристап во иницијативата за уставните измени, во насока на постигнување на независност на судската власт во земјава. Министерството за правда ќе формира нов експертски тим, во кој ке бидат вклучени и експерти предложени од политичките партии кои заеднички би работеле на дефинирање на уставните амандмани. Професорот од правниот факултет Владо Поповски, чие име беше споменато од ВМРО народна, со кои деновиве беше започната серијата средби со опозиционите партии од страна на Владата, смета дека предлогот е позитвен, бидејки ќе се постигне поширок консензус, но според него постои и една друга димензија, многуте експерти кои ќе бидат предложени од партиите, може да создаде и неефикасност во целиот случај:

„Тоа е позитивен предлог, заради фактот што на тој начин во прецесот на моделирањето на измените на уставот, се вклучуваат фактички сите политички партии. Може да се постави и од еден друг агол, колку би биле ефикасни, но во секој случај таква експертска група би можела од сите аспекти да ги разгледа предлозите.“

Вели професор Поповски, кој додава дека иако би ја прифатил, официјално до него не е пристигната покана за да учествува во експертскиот тим. Појдовна основа за консултациите со партиите, ќе биде материјалот подготвен од првично формираниот експертски тим, а три суштински разлики беа пречка за разидувањето на Владата, со експертите од Правниот. Тања Каракамишева, која заедно со Климовски и Дескоска работеше на уставните измени, објаснува.

„Првата работа беше воведувањето на категорија пробен мандат, без при тоа да се прецизира времетраењето на пробниот мандат на судија. Втората работа беше вметнувањето во последен момент на законот за органи на државната управа во рамките на судските реформи. Тој нема никаква врска со судството, а исто така Уставниот суд навистина не заслужуваше толку малку место.“

Следната средба на Владата во рамки на консултациите со партиите, треба да биде одржана со ВМРО ДПМНЕ. Трајко Велјановски од оваа партија изјавува:

„Ако се побара од наша страна да се учествува ние би предложиле експерти коишто би придонеле и во однос на текстот на нешто што би требало да се работи.“

Од опозицоните партии од албанскиот блок пак, ДПА најави дека засега не размислува да учествува на средбите организирани од Владата.
XS
SM
MD
LG