Достапни линкови

Крајно време е луѓето да престанат да ги трошат природните богатства на Земјата


Крајно време е луѓето да престанат без преседан да ги трошат природните богатства на Земјата. Ова е апелот содржан во најновиот извештај подготвен од стотина научници во светот во врска со уништувањето на природата. Во него и алармантниот податок дека човекот во последните сто години успеал да деградира две третини од еко системите што го одржуваат животот на Планетава.

Во, како што научниците го нарекоа својот извештај, претставува последна опомена до целиот свет за неповратноста на оштетената природа. Или со други зборови, едно живо суштество, човекот, претставува опасност за животот на другите десет милиони видови на Планетава, а со тоа си штети на самиот себе. Имено, поради човечката потреба за храна, свежа вода и гориво, во изминативе шеесетина години е индустријализирана поголема површина земја од она што било сторено во осумнаесетиот и деветнаесетиот век заедно. Се проценува дека околу дваесет и пет насто од копното е култивирано што значи дека таму се уништени шумите, мочварите, речните корита и сите други системи преку кои се одржува рамнотежата на животниот и растителниот свет. Во извештајот се додава дека повлекувањето на водата од езерата и од реките во изминативе четириесет години се зголемило за два пати и оти луѓето веќе користат половина од слатководните ресурси. Уништувањето на шумите и другите промени можат да го зголемат ризикот од заразни и други нови, досега непознати заболувања. Во извештајот се наведува и дека во илјада деветстотини деведесет и седмата година екипа биолози и економисти се обиделе да ја пресметаат вредноста, во долари, на деловните услуги што ни ги дава природата, како запрашувањето на посевите, прочистувањето на воздухот што го прават растенијата и рециклирањето на хранливите материи во океаните. Резултатот бил, триесет и три билијарди долари, или за два пати повеќе од светскиот бруто доход во таа година. Но, тоа како никој да не го загрижува, се вели во извештајот во кој се заклучува дека токму поради ваквата негрижа, во опасност да исчезнат во овој век се дванаесет насто од видовите на птиците, дваесет и пет проценти од сисарите и над триесет насто од водоземците.
XS
SM
MD
LG