Достапни линкови

Спорот со СПЦ не може да се надмине без вклучување на трета страна


Без вклучување на Цариградската патријаршија, како посредник меѓу МПЦ и СПЦ тешко може да се најде решение за надминување на спорот, вели владиката пегаониско преспански Петар, кој најавува дека по последните средби меѓу претставниците на МПЦ и СПЦ, разговорите треба да продолжат по пат на трилатерални, односно четирилатерални средби:

„Од досегашните разговори, нашата констатација е дека спорот не може да се разреши само со дијалог меѓу двете цркви, туку треба да има најмалку барем уште еден вклучен субјект, Цариградската Патријаршија и евентуално и Руската православна црква и на една трилатерална или четирилатерална средба, оние кои ќе учествуваат како олеснувачи во надминувањето на спорот, да бидат сведоци на реалните состојби и проблеми околу разрешувањето на спорот.“

Потребата од одржување на трилатерална, односно четирилатерална средба меѓу МПЦ и СПЦ, според владиката Петар ќе се најде на дневен ред и на утрешната седница на Синодот, на која ќе бидат назначени и тројца нови Архиереи. Во меѓувреме, прашањето дали во наредниот период може да се очекува нешто повеќе и различно од повторувањето на старите тврдокорни ставови на СПЦ, врзани со статусот на МПЦ останува отворено. Според црковни извори, со оглед на сегашниот состав на преговарачкиот тим од Србија и нивните одредби дека нишката декларација е единствениот договор, се оценува дека во преговорите меѓу МПЦ и СПЦ тешко може да се оди напред. Владиката Петар вели дека во разговорите што би се воделе во иднина за решавање на статусот МПЦ останува на ставот, автокефална МПЦ, како и уставното име, што го определува националниот идентитет на македонскиот народ:

„Јасен е ставот, не станува збор за канонски пречки. Туку, исклучиво за решавањето на името на државата, а аналогно и името на црквата. Тука се разбира како второ прашање е засегнато е статусот на нашата црква, дали таа има право на самостојност или автокефалност, за што ние тврдиме дека има.“
XS
SM
MD
LG