Достапни линкови

Проект со економска и политичка важност


Во изградбата на нафтоводот АМБО, што е американската инвестиција, регионот посебно Македонија гледа проект кој наспроти неговата економска важност, ќе биде од огромно политичко значење што ќе одигра голема улога во зачувувањето на безбедноста во земјава, сметаат повеќето домашни експерти. Повеќекратното значење на овој проект, во изјава за Радио Слободна Европа го објаснува и потпретседателот на корпорацијата АМБО Глигигор Ташковиќ.

„Секако дека е важен за вработувања, за економијата, за трансфер на технологии, нови бизниси, економска сигурност на државата, за снабдување со нафта, ако тоа го сака владата, како и за американска поддршка за територијалниот интегритет на Македонија и за нејзината иднина.“

Објаснувајки ја политичката важност на нафтоводот АМБО и неговата поврзаност со стабилноста на земјава, домашните експерти пак, потенцираат дека еден ваков проект бара сигурносни и безбедносни мерки кои ќе гарантираат негова долгорочна употреба. Професорот Ванчо Узунов, изјавува:

,,Се работи за еден голем инфраструктурен проект, кој што поврзува повеќе земји. Со самото тоа Македонија, на некој начин станува дел од некој меѓународен коридор, значи не е изолирана. Тоа самото по себе има политичко влијание, бидејќи Македонија со тоа станува земја низ која поминува еден битен инфраструктурен објект кој што има наднационално значење и едноставно речено таа станува дел од „играта“. Доколку беше заобиколена таа би била на периферијата, а вака останува како земја која е дел од „играта“.”

Трите земји Бугарија, Македонија и Албанија, низ кој ќе поминува нафтоводот АМБО, на последната средба неделава во Тирана ги договараа деталите околу почетокот на изградбата на проектот. За тежината на инвестицијата и почетокот на изградба Ташковиќ вели:

„Сега е 2005 година, мислам дека е сигурно ако кажам дека во 2006 година ќе почнеме да ја копаме првата дупка. Проектот ќе чини околу 1,5 милијарди долари, но ќе видиме, зашто цената на челикот во последниве 5 години порасна, а челикот претставува 37 отсто од вкупната цена на проектот. “

Додава Ташковиќ, кој вели дека изградбата сигурно ќе трае три до четири години.
XS
SM
MD
LG