Достапни линкови

Од син на полицаец, до Папа


Од син на полицаец до Папа, вака накусо може да се опише биографијата на Бенедикт Шеснаесетти кој вчера беше избран за нов Поглавар на Римокатоличката Црква. За многумина познавачи на состојбите во Ватикан, изборот на седумдесет и осум годишниот германски кардинал Јозеф Рацингер за нов Папа, покажува која струја ќе го води католицизмот во иднина. Новиот понтиф, беше еден од најблиските соработници на неодамна починатиот Јован Павле Втори и е познат како лидер на конзервативната струја, односно непопустлив чувар на католичката догма.

Вака започна денешната прва литургија на новиот католички поглавар Бенедикт Шеснаесетти чиј избор срдечно беше поздравен од многу светски лидери. За германскиот канцелар новиот папа е достоен наследник на Јован Павле Втори. Американскиот претседател Џорџ Буш го нарече човек со голема мудрост и знаење, додека за генералниот секретар Кофи Анан, Рацингер ќе ја раководи црквата со големо искуство. Од друга страна, полибералните католици изразија разочарување од тоа што Рацингер стана папа во време кога нивната црква, поради конзервативизмот, се соочува со опаѓање на бројот на верниците. Многу западни цркви долго време притискаат да се направат извесни промени, вклучувајќи ги и оние во врска со улогата на жените во литургиите, со правото за абортус и за развод и со легализацијата на хомосексуалните бракови. Сега, со Бенедикт Шеснаесетти, тоа според многумина, станува невозможно. Тој ја бранеше католичката догма и пред влегувањето во конклавата од каде што излезе како нов Папа. ,,Се движиме кон диктатура на релативизмот кој ништо не признава за конечно и кој како најголеми вредности ги истакнува сопственото его и сопствената желба,, изјави тогаш кардиналот Рацингер, кој како голем критичар на модерните појави еднаш се изјасни и против современата музика како израз на ниски страсти, оценувајќи дека големите музички концерти добиле култен карактер, спротивен на христијанскиот култ. Според некои експерти, сево ова покажува дека со новиот поглавар завршува времето на реформи во Римокатоличката црква кои почнаа во средината на минатиот век со изборот на Папата Јован Дваесет и третти. Јозеф Рацингер е роден во Баварија, а свештеник станал во илјада деветстотини пеесет и првата година. Неговите биографи пишуваат дека за време на Втората Светска Војна тој бил во организацијата на нацистичка младина Хитлер Југенд, но оти тогаш тоа било задолжително за сите германски момчиња. Биографите додаваат дека Рацингер никогаш не бил член на Национал социјалистичката партија и оти кон крајот на војната бил американски затвореник. Инаку, Рацингер е најстариот кардинал кој станал папа уште од изборот на Климент Дванаесетти во почетокот на осумнаесетиот век.

„Бев изненден, но, морам да признам, не на позитивен начин. Бев сигурен дека ќе беше поразлично, но Господ реши поинаку.“

рече Георг Рацингер, брат на новиот папа, на веста од Ватикан, изразувајќи загриженост за неговата возраст и неговата кревка здравствена состојба.
XS
SM
MD
LG