Достапни линкови

Средби со рускиот државен врв


Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс се очекува во дводневна посета на Москва во текот на која ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и со шефот на дипломатијата Сергеј Лавров. Официјално, Рајс ја подготвува посетата на американскиот претседател Џорџ Буш кој на Деветти мај во Москва ќе присуствува на церемонијата по повод Шеесет годишнината од завршувањето на Втората Светска Војна.

Во Вашингтон не се објавени детали за агендата на разговорите на државниот секретар Кондолиза Рајс која патем речено е специјалист за Русија. Таа пак, пред нејзината посета на Москва изјави дека би сакала да изврши притисок да се забрзаат демократијата и слободната пазарна економија во Русија. Соединетите Држави неколку пати ја повторија загриженоста околу тоа што Кремљ се повеќе ја зацврстува својата политика, особено спрема медиумите. Впрочем на февруарската средба во Братислава, претседателот Буш го критикуваше Путин токму за ова прашање. Сепак, повеќето аналитичари шпекулираат дека Соединетите Држави сега ќе го намалат нивото на критиките. Виктор Кременјук е заменик шеф на Институтот за Соединетите Држави и Канада при Руската Академија на науките. Тој вели дека безбедносните прашања ќе ја засенчат американската загриженост за демократските текови во Русија.

,,И покрај грубиот тон на американскиот претседател во Братислава некогаш идеолошките конфликти треба да се стават настрана во полза на партнерството за многу поважни прашања, како што се оние за безбедноста и за неширењето на нуклеарното оружје.”

Соединетите Држави долго време се обидуваат да разговараат со Русија во врска со градењето на нуклерната централа во Бучер, на југот на Иран. Заедно со некои европски земји, Америка страхува дека тоа ќе му помогне на Иран побрзо да дојде до нуклеарно оружје. Ваквите страхувања се отфрлаат од Русија како неосновани и со објаснување дека иранската нуклеарна програма е за мирољубиви цели. Маша Липман, политички аналитичар од Москва, се согласува дека нуклераните прашања ќе го земат централното место на натамошните разговори меѓу Соединетите Држави и Русија.

,,Моите претпазливи претпоставки се дека веројатно тонот ќе биде помек. Една од причините е и тоа што Америка не може да стори нешто околу оценките за демократијата во Русија и покрај тоа што рускиот народ ја чувствува потребата од менување на политичката ситуација во земјата и бара повеќе демократија.”

Од сруга страна, како што додава Липман, во Русија и натаму е силно антиамериканското расположение и покрај тоа тоа што двете земји сега си се нарекуваат пријатели и стратегиски партнери.

,,Постојат низа сигнали, посебно од високи руски функционери кои нејасно зборуваат за извесни Западни сили што работат на ослабување на Русија. Тука е и проблемот со анти западното расположение кај конзервативните елити. Тука е и лутењето поради тоа што Западот и Соединетите Држави се вмешаа во Украинската изборна криза.”

Вели Липман. Инаку, по посетата на Москва, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс заминува за Вилнус каде што ќе учествува на редовниот состанок на НАТО.
XS
SM
MD
LG