Достапни линкови

Костовски во советниците гледа соработници


Партиите од опозицијата остануваат поделени околу идејата да формираат мнозинство во градскиот совет, што претставува претпоставка за стабилно функционирање на Советот. Трифун Костовски, кој се кандидираше како независен кандидат, но ја имаше и поддршката на опозицијата, вели дека она што е најбитно е Советот да успее да промовира нов систем на водење на градот:

„Веднаш сакам да напоменам дека јас во сите членови од Советот гледам само мои идни соработници, независно од нивната партиска или етничка припаднст. Партиската припадност е многу битна, но за мене не и најбитна. За мене е најбитно да имам луѓе во градскиот совет со кои ќе ги споделуваме смерниците како градот ние понатаму ќе го водиме.“

Трајко Славевски кој од ВМРО-ДПМНЕ е предложен за претседавач на Советот, смета дека партиите од опозицијата, што застанаа зад кандидатурата на Костовски, треба да имаат заеднички кандидат за претседавач, со цел да се обезбеди стабилно функционирање на Советот.

„Тоа толку логично, затоа што сите застанаа зад единствен кандидат. Зошто сега не би застанале зад еден кандидат? Тука треба да се водат разговорите.“

Борко Андреев, секретар на ДА вели дека нивната коалиција во Советот ќе делува независно, односно ниту со власта, ниту со опозицијата:

„Ќе се поставиме како партнери кои може да делуваат и мимо определбите на опозицијата и на позицијата.“

Ѓорѓи Оровчанец од ВМРО Народна како партија од опозицијата која нема свој кандидат за претседавач, вели дека прашањето за поддршка на некој кандидат или истакнување свој, останува на статус кво. Во меѓувреме, неможноста на партиите од опозицијата кои застанаа зад кандидатурата на Костовски да обезбедат мнозинство, во јавноста се објаснува и како последица на нивните калулации да се договорат околу поделбата на директорските места во јавните претпријатија. Во контекст на распределбата на местата во јавните претпријатија и во градската управа, Костовски со став:

„Сепак промовираме нов систем на водење на градот којшто нема да има политичко обележје. Повеќе од јасно е дека тие што ме поддржаа, имам и некои обзири според нивните барања, но тоа мора да биде потврдено, со стручни, млади или искусни луѓе коишто се докажани во своите области, коишто секако нема да дозволиме поради партиската припадност, да го делегимитимираме професионализмот и условно кажано перспективноста на луѓето коишто треба да го водат градот понатаму.“
XS
SM
MD
LG