Достапни линкови

Предлогот прифатлив единствено во комуникацијата со Грција


Предлогот Република Македонија - Скопје, што деновиве грчките власти го презентираа како решение понудено од специјалниот пратеник на ОН Метју Нимиц, за решавање на долгогодишниот спор со името на Македонија, е евентуално решение кое од македонска страна би можело да биде прифатено само во комуникацијата со Грција, изјавува за Радио Слободна Европа, професорот од Виенскиот институот Владимир Глигоров:

,,Најдобро би било да се оди на тоа да Грција ако сака така да ја вика Македонија, а инаку не верувам дека корекцијата од тој вид која би била, сигурно би требало и уставно да се формализира, не верувам дека тоа е добро решение."

Најновиот предлог презенитран од грчка страна, професор Глигоров, сепак го оценува како ,,чекор напред,, во долгогодишната статус кво ситуација околу решавањето на спорот со името.

,,Ми се чини дека во секој случај доколку е тоа предлог со кој Грција се согласува, тоа е чекор напред од нивна страна, мислам дека може да се направи уште еден чекор, а тоа е државата да се вика како сака да се вика, а Грција може да ја вика Република Македонија - Скопје."

Остри критики за солуцијата за името на државава во која е содржана синтагмата скопје, упатува аналитичарот Гунер Исмаил, според кој ваквиот предлог, повторно ги проблематизира сеуште чувствителните балкански граници:

,,Грчките власти веројатно не се ни свесни кога дале таков предлог какви последици има тој предлог. Синтагмата Скопје, ќе подразбере дека на Балканот ниту една граница повторно не е сигурна и ќе не врати на Балканот во пред дејтонски позиции. Што значи во меѓународните односи Скопје, тоа значи дека територијата на таа Македонија, не мора воопшто да биде ова, туку и некаква друга територија."

Од овој аспект, додава Исмаил најоправдан е ставот кој имено деновиве беше презентиран и од македонските власти, дека нема да бидат прифатени никакви отстапки од веке познатиот став на Македонија, за употреба на двојната формула.
XS
SM
MD
LG