Достапни линкови

Состанок на кардиналите за одредување на датумот на конклавата за избор на нов Папа


Кардиналите на Римокатоличката црква денеска уште еднаш ќе се состанат во Ватикан за да го одредат датумот на одржувањето на конклавата на која ќе биде избран наследникот на починатиот папа Јован Павле Втори. Телото на Папата кое ќе биде погребано в петок, од вчера е изложено во базиликата Свети Петар. На погребот, како што е најавено, ќе присуствуваат, меѓу другите, генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан и американскиот претседател Џорџ Буш.

На конклавата за наследникот на Јован Павле ќе можат, според црковните канони, да гласаат само кардиналите кои се помлади од осумдесет години. А такви кардинали ги има сто и седумнаесет. Многумина познавачи на Ватиканските состојби велат дека времето созреа за неевропски папа, кој ќе биде прв во историјата, исклучувајќи ги неколкумината северноафрикански понтифи во почетокот на христијанството. Во Рим секогаш постојат неформални списоци на кандидатите за иден папа. Едно име егзистира на сите листи: Франсис Аринзе, кардиналот од Нигерија. Црн свет отец можеби изгледа како нешто навистина ново, но и изборот на Папата Јован Павле Втори пред дваесет и шест години беше изненадување.

„Разговарав со многу кардинали и тие на односите со исламот, на односите со другите религии гледаат како на приоритетно прашање за идниот понтификат.“

Наведува Џерард О Конел, британски новинар кој ги следи случувањата во Ватикан и кој има напишано книга за Аринзе под наслов ,,Божјата невидлива рака,,. О Конел смета дека двата најголеми фактора што ќе бидат земени предвид во изборот на идниот папа се растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните во светот и растечките тензии меѓу муслиманството и христијанството. Затоа, според него, седумдесет и четиригодишниот Аринзе би можело да биде добар избор:

„Кардинал Аринзе е многу добар комуникатор. Тој зборува на јазик што допира до луѓето. Тој не личи на еден од оние што изгледаат како да се од страшниот суд. И тој веќе деветнаесет години ја предводеше Ватиканската канцеларија за дијалог со другите поголеми религии во светот, исламот, хидуизмот, будизмот.“

Вели О Конел, додавајќи дека Аринзе ќе придонесе за промоција на соработката и разбирањето. Повеќето од муслиманите веруваат дека војните против тероризмот и во Ирак предводени од Соединетите Држави се војна против исламот. Иако ваквите обвинувања Вашингтон постојано ги отфрла, муслиманската перцепција за судирот на цивилизациите, што значи со христијанскиот свет, постои и постојано расте. О Конел вели дека кардиналот Аринзе чија татковина Нигерија е поделена меѓу муслиманите и христијаните има едноставна порака:

„Религијата не е таа што потикнува насилство, туку тоа го прави политичката манипулација со религијата. Ако биде избран за Папа тој ќе потенцира дека политичката злоупотреба на религијата е неприфатлива.“

Сепак, изборот нов на нов папа е секогаш непредвидлив. Постое една изрека дека оној што на конклавата влегува како папа излегува како кардинал. Но, О Конел смета оти тоа е само делумо точно: Претходниците на Јован Павле Втори, Пиј Дванаесетти и Павле Шести во конклавата како фаворити влегоа, вели тој.
XS
SM
MD
LG