Достапни линкови

Александар Поповски, режисер. Периодот на транзиција во Македонија – период на загубено време


Интересно е од оваа временска дистанца, после далечната 97 година, кога претставата ја имаше својата премиера, повторно да се слушне репликата за состојбите тогаш. Сега имаме производ од тоа време, со повторното враќање на претставата на сцена, како го согледуваш резултатот од таа транзиција денес?

Знаеш како, таа претстава си има своја публика во Скопје, а што е многу интересно си имаше и своја публика многу надвор. Јас помалку и сум ја заборабил. Кога ја погледнав сега и кога го чув текстот, има добиено друга сила. Денеска ние сме производ на она време. Ние сме производ на 97 година, на сите пропуштени работи и сега повеќе ја играме состојбата, резултатот. Тогаш игравме страст. Ни се чини дека тоа ни покажува како ги поминуваме годините. Ако тогаш имав јасна слика за работите, не ми е јасно зошто денеска би морал да ги повторувам истите работи. Горан Стефановски, во „Диво Месо“, вели, мечка во циркус ќе научи да вози велосипед, ние постојано во истите дупки и никаква поука не извлекуваме. Не е возможно некој да пропаѓа. 87 година е тоа „Диво Месо“ напишано. Ако ме прашуваш, резултатот е поразителен. Затоа што само можам да ја препознаам неизвлечената поука.

Во периодот на транзиција, или како што велиш, на изгубено време, меѓу културните работници, како во Македонија, така и во регионот може да се забележи дека подолго време интересот е свртен кон теми со кои се копаат случувањата на Балканот. Дали е тоа така и дали е тоа сеуште незавршена приказна, или така, Балканот најлесно се продава на филмскиот пазар надвор?

Тоа беше филмска приказна подобро се продаваше и ми се чини дека заврши со добивањето на Оскар на филмот Ничија земја, ми се чини. како еден врхунски шунд и проституција на темата Балкан. Мислам дека тоа е зад нас. Ние мора да се свртиме на нешто посуштинско. Ги гледам изборите, и не можам да сфатам, ние имаме сеуште форма на обраќање и комуникација со гласачко тело – митинг. Дали некогаш се чуло дека партијата во Австрија ги повикува на митинг на централниот плоштад? Ние комуницираме сеуште со нејасна форма. Еден се качува горе, фаќа два микрофони и вика, а тие од долу му викаат – така е, браво! Уште користиме терминологија, комунистичкиот систем, идеологија. Поминаа системите, ние уште држиме терминологија и си го држиме веројатно сопствениот народ необразован за сето она што ново се случува надвор. И затоа мислам дека по мене таа приказна е готова. Прашање е дали ние ќе прифатиме нова приказна, ама мислам дека за Македонија, во моментов, најважно е да почне да размислува за својата приказна, а потоа за нова. Ние немаме дефинирано, која е темата и идејата на Македонија. Многу е тешко да стануваш секое утро и да не знаеш зошто го правиш тоа, едноставно се претвора во механика. А, ние мора да имаме суштина зошто го правиме тоа. Кога по распадот на Југославија, Словенците исфрлија Европа здај, ние правевме вицови со тоа. Меѓутоа, тоа беше дефинирана тема. Цел. И тие таму денеска стигнаа, затоа што ги дефинираат работите.

Пред малку ги спомена и партиите и воопшто влијанието на политиката врз севкупната сфера. Колку културата е имуна на политиката и како гледаш на учеството на културните работници во Македонија во изборните кампањи?

Зборуваш за оние кои се вклучија. Па, како и секоја професија, тие не се имуни да станат дел од овој голем циркус. Политиката стана добар бизнис. И актерите не се ништо поразлични од докторите или инженери кои ги имаш на листите. Кај нас сеуште не е направен професионализам во својата работа. Значи, ние ќе мора да сочекаме да ги добиеме своите први професионални политичари. Ќе треба да помине време. Дали тоа е вулгаризација? Не би рекол. Тоа е резултат на времето во кое живееме, а тие не се имуни на ништо.

Дали културата, во конкретниов случај театарот е тој што по правило треба да го креира мислењето и духот на луѓето во една земја, а не врз театарот да влијае политиката. Како гледаш на она што се случува кај нас?

Мора да се вратам на почетокот на 90-тите. Кога никого не го интересираше културата и институциите функционираа по инерција од екс Југославија. Потоа се појави одреден интерес, многу од културните работници почнаа да ги мешаат работите. Се појавија такви кои под паролата дека 50 години биле под теророт на една држава и ништо не можеле да направа ги побараа своите права во тој момент. И тогаш тие влегоа во културните институции и направија хаос. Мислам дека сега почнуваме од почеток. Кога конкретно зборуваме за театарот, мислам дека тој не треба да биде под влијание на политиката, туку да прави влијание, ама не на вулгарен и буквален начин. Ние треба да креираме мислење. Ние потпаѓаме на божица Талија, а не под министерство или политика.
XS
SM
MD
LG