Достапни линкови

Корупцијата дежурен проблем и пречка за владеењето на демократијата


Корупцијата останува дежурен проблем, што постојано се посочува како пречка за владеењето на демократијата, правото и економскиот развој, на земјите во југоисточна Европа. Тешкотиите поради кои регионот не може да се фати во костец со овој проблем, според претседателите на анти корупциските комисии на земјите од регионот, главно се должи на долгите процеси на транзиција во тие земји. Претседателот на македонската државна анти корупциска комисија Драган Малиновски, оценува дека секоја земја според спецификите треба да изгради сопствен модел за сузбивање на корупцијата.

„Полека, но сигурно се изгради една универзална дефиниција прифатена од најголемиот број европски земји. Но, проблемот е во широкиот спектар на појавни форми на корупцијата, па така веројатно и не постојат земји со идентични состојби.“

Проблемот на справување со корупцијата често се третира и како прашање во колкав степен се има политичка волја за една таква битка. Верица Барач вели дека често се чини дека на пример во Србија постои една немоќ, поради последиците со кои Србија излезе од поранешните војни, санкции и авторитарниот систем којшто владеел со помош на полицијата и корупцијата:

„Самиот проблем на корупција во Србија е многу голем, зошто прво законите донесени за борба против корупцијата во Србија не се применуваат зошто нема институција што може да ги примени. Имаме правосудство кое ниту има елементи да биде самостојно, ниту пак внатре има сила да се избори со проблемите со кои излезе од изминатиот период.“

Во меѓувреме може да се каже дека пример кој отскокнува со состојбите со корупцијата во регионот и што често и во меѓународните анализи се посочува како земја со најмал степен на корупција е Словенија. Претседателот на анти корупциската комисија на Словенија Драган Кос вели дека во оваа земја сеуште има работа на овој план:

„Корупцијата во Словенија не е средство и начин на којшто луѓето живеат, но имаме проблем со т.н. висока корупција, особено најмногу проблеми имаме што на одредени функции се поставуваат луѓе со политички заслуги и некои врски со политичарите. Исто така, не сме задоволни со бројот на кривични дела со корупција што се откриваат. На пример, минатата година имавме само 18 кривични дела, што е незамисливо,“

вели Кос.
XS
SM
MD
LG