Достапни линкови

Македонија по изборите не е ниту поблиску, ниту подалеку од ЕУ и НАТО


Официјалниот став на Европската Унија, чие внимание посебно беше насочено кон следеење на локалните избори во земјава по поднесувањето на апликацијата за членство во европската заедница од страна на македонската влада, е дека вториот круг од гласањето, во поголем дел поминал добро, но Унијата има забелешки за одредени инциденти кои се случија во текот на изборниот процес. Во оваа насока од Брисел порачуваат дека очекуваат соодветна реакција од македонските институции, односно правна завршница за сите нерегуларности кои беа воочени. Ставот дека постои одредена загриженост, го пренесуваат и од канцеларијата на Европската Унија во земјава:

„Ние потполно се согласуваме со оценката на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за гласањето на вториот круг. Како што знаете беше кажано дека генерално изборите добро беа спроведени во поголемиот дел од земјата, но сепак постои и одредена загриженост за тоа што се случуваше во одредени општини.“

соопштува Андреа Анџели, портпарол на канцеларијата на Европската Унија во Македонија.

Од Советот на Европа пак, се изнесоа одредени забелешки во однос на пасивноста на македонските институции да се справат со проблемите кои произлегоа од првиот круг, што според нив го нарушува процесот земјата да се движи напред.

„И покрај тоа што во првиот круг ги објавивме имињата на тие општини, не беа преземени никакви активности за да се решат проблемите кои ги наведе меѓународната заедница. Се чини дека оваа пракса стана култура за избрзано донесување демократски одлуки и за потценување на целиот демократски процес во Македонија, а и за потребата земјата да се движи напред.“

изјави Кит Витмар, шеф на набљудувачите на Советот на Европа во земјава.

Ја приближија или ја одалечија Македонија овие избори, од патот за зачленување во меѓународните институции Европската Унија и НАТО Алијансата, што е нејзин главен приротет?

„Јас мислам дека ниту се приближивме ниту се одалечивме, всушнсот реално останавме таму каде што сме, а очекувањата и кај нас и во Брисел беа повисоки од она што е капацитетот на државата.“

смета професор Димитар Мирчев. Имено, слично како ставот на меѓународната заедница и професор Мирчев смета дека македонските институции потфрлија во обидот да се покаже дека умее да го спроведе во целост, без одредени нерегуларсноти избориниот процес.

„Пред се државата е проблем, таа не обезбеди почитување на избирачките права на граѓаните,“

заклучува професор Мирчев.
XS
SM
MD
LG