Достапни линкови

Повторно американско интересирање за Балканот


Мина многу време откако официјален Вашингтон беше преокупиран со проблемите на Балканот. Регион кој никогаш не ја поврати својата стабилност и покрај двете американски воени интервенции за запирање на војните што го опустошија овој дел на Европа. Ова се наведува во написот на Вашингтон Пост во кој се додава дека тое особено се однесува на Босна и на Косово, каде што на меѓународната заедница и недостигаат политички решенија. Во меѓувреме, соседната Србија се уште се бори со малигнен национализам.

Администрацијата на Џорџ Буш и другите западни влади во изминативе неколку години најдоа дека е подобро овој проблематичен регион да го остават настрана и покрај тоа што тамошниот мир го чуваат американски и европски трупи. Ваквата празнина наскоро ќе заврши, без оглед на тоа дали регионот или пак владите надвор од него се подготвени на тоа. Една од причините за повторното интересирање за Балканот е предвиденото оценување на состојбата на Косово од страна на Советот за безбедност на Обединетите Нации во текот на претстојното лето. Таму етничките тензии и сиромаштијата, како што наведува Вашингтон Пост, се производи на нерешениот статус. По се изгледа дека западните влади се согласуваат оти територијата во која мнозинството се албанци не може никогаш веќе да се врати под српско управување, што пак значи дека Косово треба, во извесна форма, да добие независност. Но, засега не постои консензус на каков начин, кога и под кои услови може да му се гарантира сувереноста на Косово. Некои западни експерти, меѓу нив и поранешниот секретар за одбрана Френк Карлучи предлагаат процесот да биде комплетиран до крајот на идната година, додека пак други велат дека тој треба да биде поврзан со интеграцијата на балканските држави во Европската Унија, што значи дека ќе бидат неопходни уште многу години. Во меѓувреме, српските лидери ја одбиваат независноста или, како што се вели во написот на Вашингтон Пост, сонуваат да ги приспојат српските енклави на Косово. Во тоа имаат поддршка од Русија. Како и да е процесот во врска со Косово започна и претседателот Буш би требало да разгледа дали е потребен специјален американски пратеник за да го забрза. Еден таков пратеник би можело да работи и на конкретизацијата на планот да ја отргне Босна од постојниот статус на меѓународен протекторат и на охрабрувањето на Србија на патот кон Европа и НАТО, се наведува во написот на Вашингтон Пост.
XS
SM
MD
LG