Достапни линкови

Сериозни критики за вториот круг


Регуларноста на вториот круг од локалните избори и прегласувањето на првиот круг, кој мина во знакот на засилено присуство на полицијата, денеска го оцени и меѓународната набљудувачка мисија на ОДИХР што беше присутна со околу десет набљудувачи:

„Во периодот меѓу двата избори, надлежните органи не успеја адекватно да одговорат на потфрлањата идентификувани во текот на првиот круг, и покрај преземените одредени напори. Делумниот втор круг на избори во земјата повторно не успеа да ги задоволи клучните заложби на ОБСЕ и стандардите на Европа со кој се гарантира универзално и еднакво право на глас, како и обезбедување тајност на гласањето, иако беше добро спроведен во поголем дел од земјата. Повторно беа забележани сериозни нарушувања на денот на изборите, на одреден број места во земјата, вклучувајќи ги и оние каде што беа забележани флагрантни неправилности на 11 март,“

изјави Џулијан Пил Јеитс, шеф на мисијата на ОДИХР.

Вториот круг, беше катактеристичен според партиската реторика за регуларноста на изборите. Опозицијата пред броењето на гласовите во вториот круг, објави низа неправилности и првично размислување да се повлече од учеството, но подоцна оцени дека и покрај нерегуларностите тие освоиле победа. Поради ова, власта која оцени дека имало мал број, односно неправилности на околу 1 насто од гласачките места, ја критикуваше опозицијата дека шири впечаток за инциденти и фалсификати на изборите, како резервна варијанта доколку не се освојат гласови. Премиерот Владо Бучковски главно изрази задоволство од регуларноста на изборите и оцени:

„Во над 2000 гласачки места во Република Македонија вчера имавме демократски избори, онакви какви што посакувавме. Во некои општини се гледа дека и бојкотот што го најави ДПА не беше целосен. Вчерашните неправилности беа изолирани. Но, знаејќи дека нема да ни се гледа низ прсти, порачувам, оние кои се обидоа да го попречат изборниот процес, ќе бидат предизвик за МВР. Ние не треба да замижуваме пред фактите. Во споредба, иако не треба да ја делиме Македонија, во северо западниот дел на Македонија, согласно европските стандарди, имаме избори кои не ги задоволуваат тие стандарди во некои изолирани гласачки места. Обврска на државата и на сите политички субјекти е да помогнеме во овие посочени гласачки места на следните избори да имаме пефектни избори.“

Во МВР во меѓувреме најавуваат откривање и санкционирање на лицата одговорни за инцидентите и неправилностите.
XS
SM
MD
LG