Достапни линкови

Минск: Опозициски протести во Белорусија за оставка на Лукашенко


Белоруската милиција синоќа во Минск уапси над сто учесници во демонстрациите, организирани од опозицијата без дозвола на властите, на кои се бараше оставка на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко. Околу 1.000 учесници на протестите бараа и ослободување од затвор на опозицискиот политичар Михаил Маринич и на другите активисти на опозицијата. Маринич пред три месеци беше осуден на пет години затвор по обвинение за кражба. Специјалните сили на милицијата ОМОН употребија водени топови за разбивање на демонстрантите кои протестираа на централниот главен плоштад во Минск, каде што се наоѓа и резиденцијата на претседателот Лукашенко. Некои од учесниците во демонстрациите, кои им пружале отпор на милицајците, се полесно повредени. Демонстрантите скандираа „Долу Лукашенко!“ и носеа транспаренти на кои пишуваше „Лукашенко диктатор“ и старото национално знаме на Белорусија со бела и црвена боја. Ова знаме беше прифатено по распаѓањето на Советскиот Сојуз, но подоцна Александар Лукашенко го смени и го врати белоруското знаме од советскиот период, само без идеолошки ознаки. Демонстрациите беа организирани по повод годишнината од прогласувањето на Белоруската Народна Република во 1918 година, која постоела една година. И покрај тоа што оваа државна формација била формирана во услови на германска окупација, белоруските националисти го одбележуваат 25 март како Ден на слободата. Во исто време неколку стотини приватни трговци протестираа на „Октомврискиот плоштад“ во Минск со барање за укинување на владината одлука со која се обврзани да плаќаат дополнителни давачки. Помала група млади лица, кои себеси се нарекуваат „националистички скинхедси“, пак протестираа против како што велат „државниот прогон“ и повикуваа на обнова на Советскиот Сојуз. Според властите, „националистичките скинхедски“ се фашистичка група, која сака Белорусија да ја врати под руска власт.
XS
SM
MD
LG