Достапни линкови

Донесувањето закон не е проблем, туку неговото спроведување


Граѓаните да се заштитат од генетски мофицираната храна е основната интенција на организацијата на потрошувачи во Македонија. Кампањата е во насока на спроведување на законска регулатива со која производите што содржат ГНО состојки ќе се етикетираат и одвојуваат на посебни рафтови во продавниците:

„Имплементацијата сигурно ќе биде тешка. Обично кај нас најтешко се спроведуваат законите. Понатаму ќе се работи на информирање на граѓаните преку кампањи,“

вели Татјана Тасевска, од организацијата на потрошувачите на Македонија.

Генетски модифицираната храна најмногу ја има кај сојата и пченката, но колку ние знаеме за оваа храна и што всушност претставува таа:

„Во генот за наследување на отпорноста, спрема овие хербициди, по вештачки пат се уфрла ген кој нема растително потекло, туку се зема ген на отпорност на одредени микроорганизми и бактерии и практично се искривува природата,“

објаснува професор Илија Каров, професор во Институтот за јужно земјоделски култури.

Тој вели дека за сега ширењето на вакви култури во Европа е ограничено, пред се поради незнаењето какви би биле последиците од консумирањето на истата:

„Стравот е што не се знае какви последици може да имаат гените во исхраната на животните, а потоа тие животни се користат за исхрана на луѓето. Тие генетски промени може да настанат многу брзо, за неколку генерации, ама може да се манифестираат одредени последици и многу подолго време.“

Каров вели и дека институтот за јужно земјоделски култури произведува сопствено семе од соја кое нема да биде генетски модифицирано. Додавајќи дека истовремено треба да се врши контрола на увозот на сурова соја и пченка во нашата земја:

„Јас сум убеден дека Македонија како голем увозник на соја дека внесува генетски модифицирана соја. Кога знаеме од кои земји доаѓа.“

Стравот од употребата на генетски модифицирана храна ќе постои се додека со сигурност не се утврди дека таквата храна е штетна за здравјето на луѓето.
XS
SM
MD
LG