Достапни линкови

Курманбек Бакиев денеска наименуван за вршител на должноста претседател и премиер на земјата


Лидерот на опозициската партија Народно движење на Киргистан, Курманбек Бакиев денеска изјави дека е наименуван за вршител на должноста претседател и премиер на земјата. Бакиев на собраните демонстранти во Бишкек им соопшти дека тоа е одлука на парламентот и оти сега ќе се обиде да формира нова влада. Приврзаниците на опозицијата, по повеќедневните протести против резултатите од парламентарните избори, вчера ги зазедоа зградите на Владата и на државната телевизија во Бишкек. Претседателот на Киргистан Аскар Акаев, како што јавија агенциите, ја напуштил земјата и не е познато каде се наоѓа. Киргистанскиот абмасадор во Соединетите Држави, Бактибек Абдрисаев потврди дека Акаев се наоѓа на безбедно место.

,,Сега за нас енавистина важно да се смири и стабилизира ситуацијата и тоа без мешање на никого одстрана. Можеби ОБСЕ би можел да стори нешто, но сепак се зависи од нас."

Според непотврдени информации, при синоќешните нереди во Бишкек, најмалку 3 лица загинале, а околу 300 биле повредени. Еден од лидерите на опозицијата Феликс Кулов, поранешен вице-претседател, кој вчера беше ослободен од затвор, денеска преку телевизијата упати порака до полицијата.

,,Би сакал да ги повикам полицајците, кои седат дома и гледаат телевизија, да се вратат на должноста. Доколку не го сторат тоа, ќе бидат суспендирани од работа."

Американскиот Стејт Департмент, како и многу други држави во светот, повика на стабилизирање на ситуацијата во Киргистан и истовремено ги отфрли шпекулациите за каква било вмешаност во тамошните настани. Портпаролот Адам Ерели ги повика опозициските активисти да бидат воздржани и да спречат евентуални насилства. Со слична порака и американскиот државен секретар Кодолиза Рајс.

,,Наша желба е овој процес да доведе до стабилен исход и до избори кои ќе значат одење напред. Се разбира, сите треба да го избегнат насилството, за кое нема место во овој процес."
XS
SM
MD
LG