Достапни линкови

Инцидентите на изборите манипулација од политичките партии врз гласачкото тело


Традиционално во неколку избирачки места во државава, во речиси секој изборен циклус се повторуваат нерегуларности, насилства, групни гласања, полнење на кутиите, инциденти.. Главно, според извештаите на меѓународната заедница која ги набљудува изборите, како и домашните монитори тоа се средини со мнозинско албанско население, како и неколку реони каде живеат припадници на ромската заедница. Исклучок од ова не беше ниту првиот круг гласање од актуелните локални избори.

Експертите се согласни, не станува збор за неедуцираност за изборниот процес кај граѓаните од албанската или ромската заедница, туку за манипулација која врз гласачкото тело ја вршат политичките партии:

„Обвинувањата ги испраќаме на погрешна адреса, на популацијата, наместо на лидерите и раководствата на политичките партии кои ги злоупотребуваат нивните гласови“

Вели аналитичарот Исо Руси. Зошто токму овие етнички заедници се посочуваат за подложни на притисоци и манипулации од политичките партии?

„Албанските партии се дрзнуваат да ги злоупотребуваат гласовите на албанците кои неизлегуваат да гласаат, бидејќи не се мотивирани да гласаат. Со своето негласање, оставаат простор некој да ги пополни кутиите со нивните празни гласачки ливчиња“

потенцира Руси.

И експертот Аслан Селмани смета дека станува збор за ,,компромитирање,, на граѓаните од страна на политичките партии, а за него во тоа без исклучок се вклучени сите заедници:

„Сметам дека политичките партии, со пет-шест луѓе вршат туторство кон граѓанинот од сите национални заедници.“

Донесување на закон за задолжително гласање и воведување на парични казни, според Селмани е можеби нетолку демократско, но е решение преку кое ќе се избегнат нерегуларностите во текот на изборите:

„Кога ќе се формира таков однос на граѓанинот кон гласачката кутија, веројатно после десетина години тоа веќе ќе влезе како етика на однесување“.

Набљудувачката мисија ОДИХР при ОБСЕ, уште пред почетокот на изборите, како критични обележа неколку општини во земјава, во кои се очекуваат нерегуларности, кои се потврдија на денот на гласањето и кои подоцна беа посочени во нивниот извештај за оценка на изборите:

„Студеничани, Долнени, Арачиново, Осломеј, Липково, сарај, Теарце, Шуто Оризари,.. во овие општини беа регистрирани сериозни нерегуларности. Тука беше забележано, крадењето на гласачки ливчина, полнењето на гласачки кутии, отворено и групно гласање, непотпишување на гласачите, како и гласање за други лица.”

Ги лоцираше местата со најголем број нерегуларности шефот на набљуувачката мисија на ОДИХР Џулијан Пил Јејтс.
XS
SM
MD
LG