Достапни линкови

logo-print

Михаил Салин, специјален претставник на ЕУ во Македонија. ЕУ разочарана од случувањата во првиот изборен круг


Неделава се вративте од Брисел. Која е вашата оценка за првиот круг од изборите и дали воочивте разлики меѓу овие и некои од претходните избори во земјава?

Изборите се спроведоа во неделата, а јас бев надвор од Макеоднија така што немав можност да влезам во подлабока анализа на случувањата, но затоа пак, ги погледнав извештаите на ОДИХР и на некои други известувачи, така што свесен сум за гледиштата што преовладуваат. Јасно е дека овие избори оставија место за загриженост. Ако ме прашувате за разликата меѓу овие и некои други избори во Македонија, во тој случај, исто како што соопштив и во Брисел, од една страна, во поглед на безбедноста, ситуацијата не беше лоша. Беа нормални избори без случувања што би предизвикале грижи за безбедноста, така што можеби беа и најбезбедните избори во минатата деценија. Генерално, во многу општини сé беше нормално, но очигледно е дека во некои општини не беше сé розово и работите не се одвиваа како што треба. Значи, во тоа е разликата. На тие места, изборите поминаа многу полошо во споредба со минатото. Сепак, може да се каже дека во сето ова имаме комбинација, зашто да не заборавиме дека се наоѓаме во земја која аплицираше за членство во ЕУ. Поради тоа, стандардите по кои работиме се повисоки во однос на начинот на кој ги набљудувавме претседателските или последните локални избори. Во тоа време, Македонија не аспирираше за членство во ЕУ. Воглавно, оценките се дека во некои општини постоеја јасни нерегуларности и жалам поради тоа, дури сум и изненаден!

Гледате ли можни последици од изборните неправилности во однос на македонските очекувања за позитивен одговор од Брисел во врска со Прашалникот и добивањето статус земја-кандидат за членство во унијата?

Главната оценка во тој извештај ќе биде дали Македонија е политички зрела да се држи до критериумите од Копенхаген, така што прашањето, дали може да организира фер избори, е клучен параметар. Ова навистина се последните избори пред очекуваниот извештај и поради тоа (како што сум кажал многупати досега), македонски граѓани, ве молам запаметете дека овие избори се посебни, ќе ве набљудуваат многу внимателно. Но, ете и покрај тие апели, се случија разни нешта. Сега се зависи од тоа што ќе се случува во вториот круг, а јас навистина се надевам дека сите ќе вложат дополнителни напори за се да биде во ред. А, ако се биде во ред, тогаш тоа позитивно ќе влијае на нештата, но влијание ќе има и ако работите тргнат кон лошо, а да не заборавиме дека во вториот круг ситуацијата секогаш се компликува, така што ако нешто се случи, тогаш тоа ќе биде навистина лошо за Македонија. Колку лошо - не знам, но нема да биде добро.

ОДИХР во првиот круг забележа многу неправилности. Како го оценувате степенот на демократизација на изборниот процес?

Во општините како што се Липково или Шуто Оризари луѓето сî уште не разбрале дека правилата на играта мора да се почитуваат, така што во овој случај, поважно е да се добие Брисел, отколку Шуто Оризари! Но, ете, тоа сeуште не навлегло во разумот на луѓето и во политичката култура на земјата, зашто во спротивно, во овие општини немаше да се случи тоа што се случи.

Изгледа како да сте разочаран од демократскиот капацитет на политичките партии во земјава?

Не би генерализирал на тој начин. Само што се сретнав со лидерите на ДПА, пред тоа и со лидерите на СДСМ, а ќе се видам и со останатите. Имавме многу средби и пред првиот круг на изборите, разговаравме за многу нешта, сите потпишуваа документи и кодекси за однесување. Тогаш им велев да внимаваат дали тоа што ќе го потпишат ќе допре и до активистите. Но, очигледно дека во некои општини тоа не успеа и во поглед на тоа - ДА, разочаран сум.

Би ве запрашал нешто настрана од ова. Зборуваме за ситуацијата во регионот, сметате ли дека постојат закани по стабилноста на Македонија од случувањата на Косово? Таму неделава имаше обид за атентат врз претседателот Ибрахим Ругова.

Секогаш има можност за влијание на случувањата од еден регион на друг, така што тие нешта не можат да се исклучат сосема. Доколку, не дај Боже, се случи целосна катастрофа на Косово и големи демонстрации како во март минатата година, (случајно на истиот ден една година подоцна го водиме овој разговор), тогаш секако треба да бидеме свесни за симпатиите или за меѓусебните интереси. Но, сметам дека Македонија, како резултат на нормалната состојба во земјата, секој месец станува сî посилна и поотпорна од можна криза во Косово. Секако не треба да ги запоставуваме можностите од криза на Косово. Но, не сум загрижен од институционалниот капацитет на Македонија да се справи со мали меѓугранични кризи, зашто со наша помош тој капацитет секој месец се зголемува.

Во тој случај, можете ли да детектирате кој е непријател на мирот во Македонија и на Косово?

Јас не гледам некои други непријатели за мирот во Македонија и на Косово, освен организираниот криминал, корумпираните лица, оружените банди, можеби и поранешните Лавови тука во Македонија, ако се сî уште активни, па дури и оние кои не би работеле во насока на преовладување на слободата. Сите останати се за мир. Во Косово е многу покомпликувана ситуацијата и е многу потешко да се даде одговор. Некои би рекле дека тоа е стравот од српска реваншистичка агресија, а некои би рекле тоа е национализмот и силите на паналбанската агресија. Постојат различни имиња, но мислам дека не претставуваат голема опасност, така што непријатели на мирот на Косово се неколкумина лица, но во Косово има и еден голем пријател на мирот, тоа е мојот претходник (Сорен Јесен Петерсен, н.з.).

Која е вашата оценка за степенот на корупција и организиран криминал во Македонија?

Тие нешта може да се гледаат од различни аспекти. Постои еден извори на квантификација. Најнапред би рекол - ДА, тие појави се проблем за Македонија. Колкав проблем? Тоа е многу тешко да се каже, како што е тешко и да се дефинира корупцијата. Но, ако нештата ги цениме според извештајот на Транспаренцѕ интернатионал, тогаш Македонија стои многу лошо. На скалата од 1 до 10 има добиено 2,7 и се наоѓа на 97 место во меѓународни рамки на нивото на Србија и Црна Гора и Албанија. Читајќи го извештајот на Транспаренцѕ интернатионал, ова е разочарување за оние кои би сакале да ја игнорираат корупцијата како проблем. Знам дека македонската влада го знае ова и сака да работи на тој проблем, но ако ме прашувате дали е проблем, ви велам - ДА, голем проблем е.


Кои се точките кон кои властите од државава би требало да се фокусираат во периодот што следува?

Главните точки би требало да си ги пронајде самата влада, секако со поддршка на меѓународната заедница во процесот на дефинирање на истите. Сепак, тука е агендата за приближување до ЕУ, каде има цел спектар реформи, особено во судството и во економијата. Тие меѓусебно се поврзани, зашто без реформи во судството нема да има ниту економски реформи или обратно. Тие два дела се важни како за приближувањето кон ЕУ, така и кон НАТО. Јас зборувам за комплементарноста на двете агенди, т.е. ЕУ и НАТО. Потоа, тука е рамковниот договор, што е уште еден посебен дел на кој Македонија треба да внимава. Тука се и децентрализацијата, законот за употреба на симболите на заедниците, како и забрзувањето или постигнувањето политички договор за тајмингот на правичната застапеност. Ако го сторите сето ова, тогаш сте направиле навистина многу. Ова е мошне широка агенда.

На крај би ве прашал за коментар околу Хашкиот трибунал. Доставени се две обвиненија, против Љубе Бошковски и против Јохан Тарчулоски.

Мое општо гледање на тоа прашање е дека судот во Хаг претставува моќ која меѓународната заедница намерно му ја дава за да ги оценува воените злосторства и да постапува со нив. Ако тој суд процени дека мисли оти некое дело е воено злосторство и дека против едно или друго лице треба да се поведе постапка, ние мораме тоа го прифатиме. Тогаш доаѓа правото на обвинетото лице да се брани. Ние ги охрабруваме сите влади, без разлика дали станува збор за хрватската, македонската или за српската влада. Нивна должност е да соработуваат со судот за воени злосторства во Хаг. Ако Карла дел Понте и нејзиниот тим речат дека некое лице веројатно извршило воено злосторство, тогаш тоа мора да се прифати. Нив не ги интересира од која националност е лицето за кое станува збор, за нив е важен само случајот.

Кај некои во Македонија постои мислење дека ако во Хаг заминал некој Македонец, по него треба да замине и некој од другата страна, односно некој Албанец. Дали мислите дека е логично да се бара рамнотежа по тоа прашање?

Не! Оваа проблематика се води по сосема поинаква логика. Судот само ги гледа случаите, известува за случаи на воени злосторства. Судот е слеп, не гледа кој е Македонец, Албанец, Србин или Хрват. Знам дека луѓето се прашуваат “зошто само нас?”, но процесот продолжува. Моментно постојат двајца поврзани со случајот Љуботен, а можеби ќе има и други случаи, тоа не го знаеме. Но, македонската влада едноставно тоа мора да го прифати.
XS
SM
MD
LG