Достапни линкови

logo-print

Денеска нема да започнат преговорите за членство со Хрватска


Денеска, и покрај планираното, нема да почнат преговорите за влез на Хрватска во Европската Унија. Ова вчера го решија министрите за надворешни работи на Унијата. Главната причина за одлагањето, според дипломатите во Брисел, било тоа што Хрватска не презела доволно напори за испорачување на генералот Анте Готовина на Хашкиот трибунал. Некои експерти сепак се на мислење дека преговорите меѓу Загреб и Брисел ќе почнат за неколку недели.

А за да почнат преговорите, Загреб ќе треба да го убеди Брисел дека презема се што може за да и го предаде Готовина на правдата. Тоа на извесен начин го кажа и министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн говорејќи во името на претседателството на Унијата.

„По разгледувањето во Советот и по недостигот на консензус, отворењето на разговорите за влез беа одложени. Ќе започнат кога ќе се постигне согласност дека владата на Хрватска целосно соработува со Хашкиот трибунал.“

Ваквата одлука беше разочарувачка за хрватскиот преиер Иво Санадер, додавајќи дека Хрватска заслужува преговори што е можно побргу:

„Мислам дека Хрватска целосно соработува и заслужува почеток на преговорите.“

Според извори во Брисел, само Австрија, Унгарија, Словенија и Словачка биле на став дека апсењето на готовина не треба да биде предуслов за преговори. Условна поддршка за тоа тие добиле од Литванија, Малта, Кипар и Грција. Меѓутоа, Британија, Холандија и нордиските земји ја прифатиле оценката на главниот обвинител на Хашкиот трибунал Карла Дел Понте за несоработката на Загреб со Хаг. А, како што е познато, разговорите за членство можат да почнатсамо со едногласна поддршка од сите земји во Унијата. Еврокомесарот за проширување Оли Рен, наведувајќи дека Хрватска останува земја кандидат и оти нејзината иднина е во европското семејство, сепак додава:

„Европската Унија отсекогаш сметала дека целосна соработка со Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија е главен елемент за владеењето на правото и за помирувањето во Западен Балкан. Оваа политика на условност веќе донесе резултати, еден обвинет неделно, или двајца во најдобар случај, беа префрлени во Хаг во првите десет недели во оваа година од Босна, Србија, Македонија и Косово.“

Вели еврокомесарот Оли Рен. Што се однесува до Хрватска, освен околу случајот со генерал Готовина, во Брисел се почесто почнаа да се поддржуваат строгите услови за нејзин влез во Унијата, нешто слично како оние што ги доби Турција во минатиот декември. На тогашниот самит беше усвоена декларација во која се вели дека разговорите меѓу двете страни не мора и да да завршат со влез на Турција во Унијата. Имено, многумина еврочленки мислат дека давањето подобри услови за Хрватска ќе ги наруши односите на Унијата со Турција.
XS
SM
MD
LG