Достапни линкови

Трифун Костовски победи во Скопје, сите слават пред вториот круг


Првичните резултати од првиот круг од трката за освојување на градоначалничките места во 85 општини, ДИК ќе ги соопшти во 15 часот. Меѓутоа, според податоците на партиските штабови, Трифун Костовски, кој беше поддржан од опозицијата во Скопје победи во првиот круг. Додека, владеачката коалиција ја презеде локалната власт во повеќе општини на ниво на Македонија. По вчерашното славење на опозицијата, на поразот на Ристо Пенов и резултатите од првиот круг независниот кандидат Трифун Костовски, кој синоќа го прогласи преземањето на управувањето со градот во првиот круг изјави:

„Ќе ја прославиме победата. Со карван којшто ќе биде направен од мојот тим и ќе ги посетиме сите делови од градот Скопје, сите заедно да го прославиме овој убав празник. Ова претставува нова страница во историјата на Република Македонија.“

По поразот од Костовски, досегашниот градоначалник Пенов, не се појави во јавноста. Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како партија која победи во четири општини, се слави победата на Трифун Костовски, кого го поддржа опозицијата. Лидерот Никола Груевски најави освојување на 22 општини во вториот круг.

„Победивме во првиот круг во четири општини, меѓутоа во огромен број водиме, или за малку сме на второ место затоа што опозицијата беше поделена. Значи, во вториот круг, ќе биде дефинитивниот нокаут на СДСМ.“

Владеачката СДСМ соопшти дека коалицијата „За Македонија Заедно“, во првиот круг добила 12 градоначалнички места. Во вториот круг тие влегуваат во трка за 27 општини. Претседателот на СДСМ Владо Бучковски на опозицијата и порача да не се радува:

„Мене ми е жал, што ќе мора да потврдат нашите опозиционери, но убедливо одиме и со сериозна намера да ги победиме во вториот круг. Се радувам што се сложивме дека имавме фер и демократски избори, тоа беше приоритет за владеачката коалиција и за владата.“

Во албанскиот политички блок пак, секој на свој начин, се прогласува за победник, но и во двете партии во владеачката ДУИ и ДПА велат дека на изборите имало нерегуларности.

Портпаролот на ПДП Кенан Алиу, кој е кандидат за градоначалник во Желино вели:

„Коалицијата е задоволна од резултатите. Одиме во втор круг и во 90 насто од општините ќе победиме.“

Рафиз Алити од ДУИ вели дека партијата победила во пет општини, но најави жалби и повторување на изборите во неколку општини:

„Во Сарај имаше полнење на кутии и нерегуларности.“

ДИК, според законот, во рок од три дена ќе ги соопшти конечните резултати.
XS
SM
MD
LG