Достапни линкови

logo-print

Први локални избори според новата територијална организација на локалната самоуправа


Изборниот молк пред утрешните локални избори, стартуваше ноќеска на полноќ. Денеска, се одржува гласањето за лицата кои се на издржување казна затвор, војниците, болните и немоќни како и внатрешно раселените лица. Право на глас на локалните избори имаат еден милион 711, 293 граѓани, кои ќе можат да гласаат на 2976 избирачки места на територијата на целата држава. Според новата територијална организација на локалната самоуправа, изборите се спроведуваат во 84 општини плус градот Скопје. Во изборната трка за градоначалничките функции се натпреваруваат 379 партиски и независни кандидати, а се поденесени 445 листи за советничките места предложени од група избирачки, политички партии и коалиции. Работата на избирачките одбори и текот на гласањето ќе биде набљудувано од домашни како странски набљудувачи:

„Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот, а потоа во рок од пет часа ќе треба да бидат познати резултатите во општините од гласањето во текот на денот. Набљудувачи има пријавено и имаат добиено акредитација, домашни над 5,000 и странски околу 400,“

изјави портпаролот на Државната изброна Комисија, Зоран Таневски.
Најголем број од набљудувачите на изборниот процес, се од граѓанската асоцијација МОСТ.

„Вкупниот број на набљудувачи ќе изнесува 3630, со тие набљудувачи очекуваме да биде покриено повеќе од 60 насто од територијата на Република Македонија,“

вели портпаролот на организацијата Славица Биљарска.

За евентуалните нерегуларности кои ќе бидат запазени од страна на граѓаните, тие ќе можат да се обратат на телефонската линија на оваа организација.

„Ние ќе ги сумираме дојавените можни инциденти, односно прекршувања на процесот на гласање, ќе ги проверуваме преку нашите координатори мобилните тимови и доколку се потврди дека некој инцидент навистина се случил за истото ќе известуваме во текот на денот,“

потенцира Биљарска.

Според законските измени, во првиот изборен круг за градоначалник ќе биде избран кандидато кој добил мнозинство гласови, ако на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи во општината. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство, ќе се одржи втор круг во кој ќе се избира меѓу двајцата кандидати што добиле најмногу гласови, а победник ќе биде оној кој ќе освои повеќе гласови. Советниците ќе се избираат според пропорционалниот модел.
XS
SM
MD
LG