Достапни линкови

Зајакнување на соработката, поддршка на мирот и стабилноста


Зајакнување на политичката соработка, поддршка на мирот и стабилностоста, функционирање на демократијата, но пред се остварување на забрзан економски развој во регионот, интензивирање на меѓусебната трговска соработка и зголемување на странските инвестиции во овие земји, се главните цели на дводневниот самит на земјите од Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје под покровителство на македонскиот претседател Бранко Црвенковски, и еврокомесарот за проширување Оли Рен, претставуван од генералниот директор за проширување во Европската Комисија, Фабрциио Барбасо кој на отворањето на самитот порача:

„Ваквата соработка на Балканот води кон ЕУ. Тоа е прво и најважно во интерес на самите земји од Балканот.“

Прв предуслов, за потигнување на економски развој претставува создавањето на функционална пазарна економија во регионот, изјави македонскиот претседател Бранко Црвенковски во воведното излагање на самитот:

„Јас сум слободен да констатирам дека државите од регионот веќе го имаат започнато патот да станат модерни пазарни економии. Но, исто така, треба да сме свесни дека сите држави во регионот ги очекува натамошна голема работа. Списокот на реформите што не очекуваат е навистина долг и со широк опфат. Од друга страна, втор предуслов за економскиот развој денес претставува регионалната економска соработка. По тешкиот период низ кој поминавме, можеме да констатираме дека политичките тензии, воените конфликти и непријателствата се дел од нашето минато. Конечно економскиот развој и подобрувањето на животот на нашите граѓани стануваат највисок приоритет.“

Креативната сила зад овој настан, како што го нарекоа Шарик Тара, основач на Економскиот форум на Северна и Јужна Европа, учесник на самитот во Скопје, забележа:

„Приходот во југоисточна Европа е десет пати од приходот пер капита во другите европски региони. Мерките за да се спречи повторувањето на уништувањето треба повторно да се дискутираат на овој состанок имајќи го предвид искуството од минатото.“

Меѓу 150-те учесници на Самитот за развој на соработката на земјите од Југоисточна Европа, присутни се претседателите на Бугарија и Србија, Прванов и Тадиќ, премиерите на Црна Гора и Албанија, Ѓукановиќ и Нано, шефот на УНМИК на Косово, Сорен Јесен Петерсен. Во рамки на конференцијата беше презентирана заедничка декларација за развој и економска соработка помеѓу земјите на Југоисточна европа. Ваков тип на конференции ќе бидат одржувани секоја година во земјите од овој регион.
XS
SM
MD
LG