Достапни линкови

Предупредување од лидерот на Хизболах за можен хаос


Лидерот на либанското моќно движење Хизболах предупреди дека целосното повлекување на сириските трупи од Либан ќе биде опасно за регионот. Шеик Хасан Насралах оценува дека таквиот чекор што доаѓа како резултат од меѓународниот притисок, ќе доведе до хаос особено сега кога во земјата постои политички вакуум. Во меѓувреме, противниците на просирискиот претседател Емил Лахуд страхуваат дека тој би можело да го искористи моментот и да воведе воен режим.

Просириската влада предводена од Омар Карами мораше да си даде оставка поради притисокот што следеше по атентатот врз опозициониот лидер Рафик Харири во средината не февруари годинава. Освен оставката на Карами, опозицијата бараше и заминување на просирискиот претседател Лахуд. Сириската улога во Либан и особено прашањето за сириските трупи во земјата, е главната точка на конфронтација меѓу либанските политички лидери и граѓани. Многу од опозиционите партии бараат итно повлекување на силите. Од друга тсрна има и такви кои велат дека таквиот чекор ќе ја дестабилизира земјата. Поранешниот конзервативен премиер Селим Хос е меѓу оние што сметаат дека Вашингтон и Париз не би требало да ја притискаат Сирија:

„Имавме петнаесет години војна. Како вие американците можевте да ни помогнете? Како ни помогнаа Франција и Обединетите Нации. Тие не направија ништо. Само Саудиска Арабија и Сирија се тие што помогнаа за спроведувањето на договорот за запирање на војната. Ве молам не не туркајте во нова граѓанска војна.“

Опозиционата парламентарка Најла Моавад вели дека членовите на нејзината партија нема илузии дека Сирија, без борба, ќе се откаже од контролата во Либан:

„Треба да најдеме начин. Тоа не е избор меѓу мирно или воено решение. Треба да се најде вистинскиот пат да се убедат сиријците дека повлекувањето е за доброто на Либан. Договорот од Таиф зборува и за суверенитетот на Либан.“

Договорот од Таиф беше постигнат во илјада деветстотини осумдесет и деветата година и со него заврши петнаесет годишната граѓанска војна во Либан. Во него се вели дека арапскиот патронат, поточно сириските трупи ќе мора да се повлечат во рок од две години, но ете досега тоа не е сторено. Лидерот на најмоќната политичка партија Хизбалах Шеик Хасан Насралах смета дека не треба да дојде до тоа:

„Сметаме дека прераспоредувањето во Долината Бека е позитивен чекор што им служи на интересите на Сирија и на Либан кои се уште се во воена состојба со Израел.“

Вели Насралах кој ги обвинува Соединетите Држави и Израел за обид да ја поделат власта во Либан и на тој начин да ја оправдаат интервенцијата на нивните војници во таа земја. Професорот по политички науки на Американскиот Универзитет во Бејрут Низар Хамза вели дека немањето прогрес во формирањето на новата либанска влада покажува дека постојат многу различни фракции на либанската политичка сцена.

„Нема многу време за консултации. Изгледа дека станува збор за ќор сокак.“

Тоа, според Хамза, го доведува Либан во опасна зона која може да прерасне во воведување вонредна состојба во земјата.
XS
SM
MD
LG