Достапни линкови

logo-print

Трамвај решение за сообраќајниот хаос


Бучавата на градските автобуси, уште долго време ќе биде дел од секојдневието на скопјани, а идејата за воведување трамвај ќе чека поубави времиња. Скопје чиј број на жители, достигна до 600 -тини илјади, се ,,гуши“ во сообраќаен хаос, а метрополата која претендира да наликува на светските, е далеку од решавањето на проблемот со сообраќајниот метеж и градскиот превоз. Изградбата на трамвај, за што пред околу една деценија беше спроведен и референдум кој неуспеа, е единствениот начин за намалување на метежот и решавање на проблемите на граѓаните при користењето на јавниот сообраќај, тука е и еколошкиот момент, како и поевтината цена на овој вид превоз, сметаат експертите од оваа област.

„Тоа е приградско градски терминал, кој беше предвиден да се изгради во Драчево. До тој терминал сите линии од приградските населби доаѓаат на тоа место и патниците потоа се трансферираат на трамвај и со тие брзи трамвајски линии се трансферираат низ градот. Така беше замислено и тоа веќе е зацртано,“

објаснува Александар Мешко, од Институтот за сообраќај и урбанизам.
Изградбата на трамвај во Скопје, е предвидена во урбанистичкиот план од 2002-та, но за реализација на овој проект, велат од Градското собрание нема средства:

„Дека градот Скопје има потреба од друг превоз освен автобускиот, тоа е факт! Меѓутоа сега за сега, градот Скопје, нема услови за тој проект,“

изјавува Мице Славковски, од Градското собрание. Колку навистина инвестициите се главна пречка за изградба на трамвај во Скопје.

„Инвестицијата не е многу скапа, но најверојатно малку поголема храброст треба,“

додава инженер Мешко.

Општ хаос, накратко се размислувањата на скопјани за тоа како функционира градскиот превоз во Скопје:

„Градскиот татко кој ќе биде во иднина, мора да го реши тој проблем.“
„Јас скоро бев во Белград и градскиот сообраќај функционира феноменално, со оглед на тоа дека тоа е два милионски град.“
„Таа идеја за трамвај се врти долго време, стално се спомнува дека треба сто милиони долари, па дека нема каде да се најдат тие пари... а мислам, бидејќи Скопје е навистина распространето, тоа е еден вид решение“.


До изградбата на трамвај на жителите на главната метропола, им останува само алтернативната, користење на услугите на Јавното сообраќајно претпријатие, чии автобуси, можеби нема да бидат пофункционални, но барем во иднина ќе бидат еколошки.
XS
SM
MD
LG