Достапни линкови

Нападот, најдобра одбрана


Денешниот снег, прв тест за ,,капацитетите,, на кандидатите за градски татковци, кои ете имаа можност своите способности да ги покажат и на дело. Но, исто како и ,,ефикасноста,, во справувањето со општинските проблеми што утринава, барем според сликата, им недостасуваше на градските власти, генерален е впечатокот дека недостасува и во целата изборна кампања во освојување на градоначалничките фотељи. Во прв план, од сегашниот впечаток, е меѓусебната конфронтација меѓу кандидатите, наместо кампања фокусирана на локалните и проблемите на граѓаните, посебно со зголемените ингеренции во процесот на децентрализација, сметаат експертите.

„Тоа донекаде е разбирливо, бидејќи оние што се натреваруваат за градоначалници, сеуште немаат јасна претстава со кои пари ќе располагаат, што наследуваат, какви обврски ќе имаат, со кои човечки ресурси ќе влезат во игра и конечно на каков начин ќе можат сите тие работи да ги ,,врзат,, во еден систем и да ги решаваат проблемите на граѓаните. И кога немате одговор на тие прашања, логично е дека наједноставен начин за водење кампања е да го нападнете противникот дека тој е понеспособен од вас, па потоа тој нека се брани.“

Објаснува професор Панде Лазаревски од Институот за социолошки и политичко правни истражувања.

Наспроти ваквиот впечаток, партиите велат дека приоритет во нивните кампањи се, пред се локалните проблеми, а за жестоките меѓусебни препукувања, од Здружената опозиција, со вакво толкување:

„Тоа е нормална работа би рекол, тоа е веќе нормален ,,фолклор,, во нашите избори. Секогаш се дава акцент на се она што се вика, директна пресметка на политичките противници“.

Изјавува портпаролот на опозицијата, Александар Бичиклиски.
Граѓаните, велат и во Коалцијата за Македонија заедно, се наш приоритет:

„Граѓаните заслужуваат да бидат третирани во преден план бидејќи ова се локални избори, инаку што се однесува до меѓусебните конфронтации, политичката битка е легитимна, но само со политички средства и политички аргументи.“

Вели портпаролот Борис Кондарко.

Реалните проблеми на локално ниво, на кои многу малку во овој период им се посветени кандидатите, ќе бидат главен предизвик по спласнувањето на изборната еуфорија, кога идните градоначланици ќе се соочат со сериозните зголемени ингеренции на локално ниво:

„Друга ќе биде работата откога ќе завршат изборите, кога новите градоначалници ќе седнат во нивните фотељи и кога ќе се соочат со реалноста која нималку не е розова. Можевте и деновиве да видите со какво бреме се соочуваат многу општини и колку градоначалниците реално ќе можат да излезат во пресрет на вршење на надлежностите кои сега се пренесени во нивен домен.“

Заклучува професор Лазаревски.
XS
SM
MD
LG