Достапни линкови

logo-print

Ругова сака статус - кво


Косовскиот претседател Ибрахим Ругова, останува на својот став, границата со Македонија, треба да остане таму каде што е, а Скопје и Белград може да разговараат за што сакаат, но тоа за нас не е битно, вели за Радио Слободна Европа, портпаролот на косовскиот претседател Мухамед Хамити:

,,Границата треба да остане таму каде што е и нема што да се менува. Претседателот Ругова не ги менува своите ставови секој ден, тој го искажа својот став за границата пред еден месец и останува на таа изјава. А, тоа за што разговараат Скопје, Белград и другите на таа тема за нас е од помало значење,"

изјави портпаролот на Ругова Хамити, коментирајќи го ставот на македонскиот премиер Бучковски дека УНМИК треба да го врши техничкиот дел во демаркацијата на граничната линија, а Приштина и Белград да имаат набљудувачка улога во тој процес.

,,Ако прашањето на демаркацијата го сведеме на техничко прашање, со што и Белград би бил задоволен, со што би се респектирала резолуцијата 1244, а ќе се даде можност претсавници на Белград да учествуваат во процесот како набљудувачи, а ќе се даде можност и на привремената косовска влада да учествуваат во истото ова својство."

Ова вчера во Приштина го изјави премиерот Бучковски, кој пак доби уверување од шефот на мисијата на УНМИК Сорен Јесен Петерсен дека демаркацијата ќе заврши пред решавањето на конечниот статус на Косово:

,,Кога бев специјален претставник на ЕУ во Македонија, и во сегашната моја функција ќе кажам дека ова прашање нема да биде оставено нерешено, за време додека не се приближиме кон решавањето на статусот,"

изјави Петерсен.

За разлика од ставовите на Петерсен и официјален Белград кои се согласија и техничкиот дел од работата да го врши УНМИК, македонските власти очигледно ќе треба да ги убедат и косовските власти во важноста на решавањето на овој процес.
XS
SM
MD
LG