Достапни линкови

Одбојката во незавидна состојба


До пред 2-3 години, можеби најпопуларниот спорт кај нас - одбојката, денес е во незавидна состојба. Беспарицата која владее, овој спорт, го спушти на можеби најниски гранки, при што клубовите само живуркаат и, со исклучок на откажаната Шкендија, својот опстанок го одржуваат преку настап во крајно неинтересното домашно првенство.

Сепак, за да не биде дека се е само во парите, голем дел од проблемот е во практично тоталната дезорганизираност на луѓето од ОФМ, која, звучи неверојатно, но е вистинито, веќе осум месеци е без телефон. Покрај ова според тренерот на Работнички Фершпед и долгогодишен селектор - Јошко Миленковски, во ОФМ како и да не им одговара нечиј успех, па и она што чинеше со диверзии е обезвреднето.

„Еден клуб, кој навистина вложува и има европски визии и постигнуваше до пред две сезони европски резултати, меѓутоа со сплет на околности и диверзии од одредени кругови во самата одбојкарска организација, ние бевме принудени по успесите да фомрираме комплетно нова екипа.“

Со ваквите слуцувања во одбојката се изгуби И интересот за неа кај љубителите на спортот во земјава.

„Сега веќе не следам.“
„До пред две години следев, ама сега не.“


Сето ова, негативно влијае и на актуелниот репрезентативен миг. Не делат само три месеци до стартот на клучните квалификациски натпревари од "Б" европската зона. Тие квалификации ќе се одржат во Македонија, но се уште не се знае каде, ниту пак имаме план за подготовки, за разлика од противниците - Шведска, Австрија и Латвија. Сепак, по онаа народната "надежта последна умира", кај играчите е присутен оптимизмот околу конечниот епилог, а еден од носителите на играта во националниот тим - Жарко Ристовски, вели:

„Со максимално залагање на сите репрезентативци и со добри подготовки мислам дека може да се направи добар резултат и да се победат сите три репрезентации. Се надевам дека оваа репрезентација може да се врати на старите патеки од 2000 година, таму каде што и е местото, меѓу 16-те најдобри репрезентации во Европа.“
XS
SM
MD
LG