Достапни линкови

Рафиз Алити, потпретседател на ДУИ. Ако сме искрени како политичари не смее да ни се случи насилство на изборите


Господине Алити со која политичка платформа настапувате на овие локални избори?

Нашата политичка платформа, е тоа што секој градоначалник треба да прави своја платформа со која ќе се појавува пред граѓаните. Мислиме дека секој треба да има своја платформа, затоа што секоја наша општина има свои специфики, така што програмите треба да се прилагодат според проблемите кои ги тангираат граѓаните.

Што ќе преовладува во вашата кампања? ДУИ е опозициска партија во случајот, ДПА и ПДП ги имаат општините.

Секако дека за локалните избори сме опозиција затоа што до сега не сме имале градоначалник во ниту една општина, така што, ние ќе се претставиме пред граѓаните со она што сме сработиле за овие две години. Не сакаме воопшто да се занимаваме со ДПА и ПДП кои цело време сакаат да обвинуваат, дека ете, не сме го имплементирале како што треба Охридскиот договор итн. Ние сме свесни дека остана уште многу да се имплементира од тој договор, ама мислиме дека нивните обвинувања нашиот електорат знае да ги дешифрира. Би рекол, нивните изјави се прочитани, дека тоа е политички блеф за добивање поени итн, ние ќе се претставиме со наша работа и со тоа што планираме во иднина да работиме во локалната самоуправа. Така што, нема многу влијание да обрнуваме тоа што го кажуваат тие.

Постојат предупредувања дека на овие локални избори може да се повтори насилството, посебно во средините каде што живее локално население?

Јас прво ќе кажам дека ако сме искрени со се тоа што декларираме и со се тоа што сме потпишале и како политички партии мислам дека не би смеело да ни се случи нешто такво, како во 96-та во Кондово, Охрид, Порој и некои други места. Јас сум убеден во тоа дека ние имаме прекрасен електорат и кај албанското и македонското население, со самиот факт што имаме на сите избори над 50 насто од граѓаните што излегуваат и гласаат. Одговорноста за такво нешто е кај политичките елити. Ако било која политичка елита ќе бара по секоја цена да се добијат изборите, нормално е да дојде и до непожелни цени. Јас верувам во тоа што и нашите опоненти од ДПА и ПДП декларираат дека ќе имаме фер и демократски избори.

Доколку има втор круг, изборот на градоначалник во главниот град ќе зависи многу од албанските гласови. Дали имате решено на кој кандидат ќе му ја дадете поддршката?

Ние сме свесни дека според сите сондажи, идниот градоначалник на Скопје секако дека ќе зависи и од гласовите на албанските граѓани, така што, секако дека не е сеедно кој ќе победи на овие избори. Ние за сега, имаме наш претставник за градоначалник. Има и ДПА, така што, по првиот круг ќе ги видиме резултатите и сме заинтересирани тие гласови да се оринтираат било кон едниот, било кон другиот кандидат, во овој момент Пенов и Костовски. Секако дека идниот градоначалник би имал обврска кон тие гласови да се работи и во тие средини. Така што, веројатно и за ова централното претседателство треба да заземе став. За нас, секако поприфатлив би бил кандидатот на коалицијата. Ние сме во коалиција на централно и таа коалиција треба да продолжи и на локално ниво.

Во еден момент споменавте дека и по имплементирањето на Рамковниот договор, Албанците нема да бидат рамноправни и треба да се работи и по имплементирањето на Рамковниот договор Албанците да станат рамноправни со Македонците во државата?

Јас и порано и сега сум изјавил дека во многу сфери треба Албанците треба да се израмнуваат со другите граѓани во Република Македонија. Како пример, ќе го земам Законот за државјанство, законот за високо образование, Законот за амнестија, тоа се закони кои не се дел од Охридскиот договор, а ги тангираат граѓаните. Албанците беа оштетени на некој начин со тој закон за државјанство, затоа што се случи и на старец од 82 години да не му се дава добивање државјанство, дека е ризик за државата, што немаше никаква основа. Така што, за да бидат Албанците рамноправни, ќе треба Албанците да бидат присутни во економските сфери.

Премиерот при предавањето на прашалникот, даде оптимистичка изјава дека членството на Македонија може да се очекува до 2010 година. Уверени сте дека тоа може да се реализира?

Па, ние сме уверени во тоа. Навистина и ние во ДУИ мислиме дека во 2010 ако сите без оглед позиција и опозиција не правиме опструкција во тој правец. Се разбира, опозицијата секогаш треба да не критикува за слабостите. Ама, мислам дека сме единствени за интеграција на Македонија во ЕУ.

Сметате ли дека додека вие со ЛДП и СДСМ сте на власт ќе ја признаете независноста на Косово?

Со независноста на Косово добива реонот во стабилност бидејќи не ќе имаме земја која ќе го нема решено својот статус. Со самиот факт што ќе се реши статусот ќе се смири регионот и тоа е во интерес на Балканот и Европа. Нашиот врв, е заинтересиран на Косово да владее правна држава, а за другото ќе се решава на друго место, а не во Република Македонија. Интересот на Република Македонија е статусот на Косово што побрзо да се решава. Бидејќи со тоа и ние ќе добиваме како Република Македонија и другите соседи на Балканот. Ќе имаме формиран регион и тогаш ќе може да сметаме на странски инвестиции во Македонија и на Косово. Јас не гледам причина зошто Македонија или некој друг од соседите би бил против тоа што ќе се решава во ЕУ или друг центар каде што треба да се решава прашањето на Косово.
XS
SM
MD
LG