Достапни линкови

Странски или домашен тренер на чело на репрезентациите?


Испразнетото селекторско место во македонската фудбалска репрезентација, како никогаш досега ја наметна дилемата дали на кормилото треба да седне домашен или странски тренер. Мислењето дека на странецот, за разлика од домашниот тренер, никој нема да му наметнува решенија и играчи, според многумина е клучната предност за тренерите вон Македонија, за кои, безмалку без исклучок, се смета и дека се поквалитетни.

Со ова не се согласува довчерашниот член на стручниот штаб во фудбалската репрезентација - Вујадин Станојковиќ, според кого најзначајно е на селекторот да му се даде поддршка и помош од сите кои се инволвирани во мак фудбалот. А, кога станува збор за дилемата странец или Македонец:

,,Секој странец колку да е стручен ќе чини пари. Само да доаѓа од страна, а многуте пари може да се искористат и тоа како паметно во клубовите, да се вложи во инфраструктурата да се вложи во младинската школа и нашите деца да може да играат и развиваат.”

Оваа дилема е присутна и во машката ракометна репрезентација, особено што станува збор за нашиот најуспешен колективен спорт, каде најголемите успеси се поврзани со странски тренери. Тие успеси секогаш го наметнуваат притисокот да се обезбеди пласман на Европско или Светско првенство, што надополнето со слабиот квалитет на домашните тренери и фактот дека на оние од надвор без исклучок им ги исполнуваме барањата, според репрезентативниот голман Зоран Петковски, ангажирањето странец го наметнува како нужно решение. Но, да станува збор за докажан тренер и:

,,Тој треба да биде запознаен со квалитетите на репрезентативците и нашиот менталитет.”

Од друга страна, за селекторот на кошаркарската репрезентација - Јорданчо Давитков, Македонија има квалитетни тренери и селекторот на националниот тим мора да биде Македонец, а не некој кој би дошол за пари.

,,Сигурно дека повеќе го боли него од некој странец којшто би дошол тука само за пари, од една страна, а од друга страна, сите услови што би му се дале на странецот треба да му се помогне и на домашниот тренер, за да видиме дали тој може или не може да направи.”
XS
SM
MD
LG