Достапни линкови

Желба на политичарите, без практична завршница поради лошата бизнис клима


И покрај обидите во земјава да профункционираат слободни економски зони тоа сеуште не е заживеано. Првиот обид за отварање на слободна економска зона од време на владата на Љубчо Георгиевски, беше неуспешен, а и за проектот презентиран од актуелнава влада сеуште нема конечен договор меѓу фирмата Глендор Естејт од Англија и извршната власт, поради барањето на оваа фирма да купи дел од земјиштето во слободната економска зона. Економските аналитичари велат дека тоа е несериозно барање и алиби да не се инвестира. За тоа зошто не заживуваат слободните економски зони професорот од Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети вели:

„Тоа е голем сигнал дека во земјата сеуште нема бизнис клима и бизнис амбиент за тоа да се реализира. Тоа е повеќе последица отколку причина. Инаку, нема дилема дека зоните за Македонија се неопходни. Тоа е еден сегмент од комплексот на странски директни инвестиции коишто во секој случај би генерирале нови вработувања и нови инвестициони зафати во Македонија.“

За предностите што ги добиваат вклучените во слободната економска зона директорот на Царинската управа Илија Илоски посочува:

„Во овие зони сите субјекти кои ќе изградат производствени или услужни капацитети, во старт се ослободени од плаќање на царинските и други давачки, а исто така корисникот на капацитет во слободна економска зона е ослободен од плаќање на ДДВ на производите кои се внесуваат во таа зона, а ќе служат за изработка на стоки за извоз.“

Веќе неколку години функционира слободната економска зона Долина на никелот на основачат Фени Индустри-Кавадарци што е компанија на СЦММ од Франција. Меѓутоа, таа се однесува на неколку стопански субјекти од кои 90 проценти од активностите ги извршува ФЕНИ, што значи од неа нема голем придонес во смисла на забрзауавње на општиот стопански раст и вработувањето на ниво на држава.
XS
SM
MD
LG