Достапни линкови

Во фокусот, соработката меѓу САД и ЕУ во Ирак и Авганистан


Соработката меѓу Соединетите Држави и европските земји во Ирак и во Авганистан е на дневниот ред на денешните разговори во Брисел на претседателот Џорџ Буш со лидерите на Европската Унијата и на НАТО. Самитот се очекува да резултира со заложбата на нејзините членки да ја прошират мисијата во Авганистан, како и тренинг мисијата во Ирак.

Пред самитот во Брисел американскиот претседател Џорџ Буш имаше средба со британскиот премиер Тони Блер кој рече дека американско европското сојузништво претставува основа за безбедноста во светот.

„Какви и да беа разликите во меѓународната заедница во изминативе неколку години, мислам дека ние сега имаме солидна основа да ги надминеме на унифициран начин.“

Европската Унија веќе најави нова програма за помош на Ирак. Станува збор за обука на над седумстотини ирачки полицајци и судии. Освен тоа се очекува Унијата, две години од започнувањето на ирачката војна, да ја отвори и првата своја канцеларија во Багдад која ќе ја координира новата програма за помош на таа земја.

„Можеме да го наречеме план за владеење на правото кој ќе го спроведува новата ирачка влада. Тоа подразбира развој на полицијата и на судството како едни од најважните институции.“

Изјави еврокомесарот за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана. Претходно, американскиот претседател Џорџ Буш во говорот со кој ја отвори неговата европска турнеја оцени дека сојузот меѓу Северна Америка и Европа е главниот столб на безбедноста на Запад во новиот век.

„Нашето силно пријателство е најважно за мир и просперитет ширум светот и никакви повремени дебати, никави несогласувања меѓу владите и никакви сила на Земјата нема да не раздели никогаш.“

рече Буш. Тој синоќа имаше работна вечера со францускиот претседател Жак Ширак, кој заедно со германскиот канцелар Герхард Шредер беше главниот критичар на интервенцијата во Ирак.

„Секогаш кога се сретнувам со Жак, тој има добар совет.“

„Имаме многу теми за разговор: Блискоисточниот мировен процес, Либан, Иран...“


рекоа Буш и Ширак пред нивната средба која, според извори на двете страни, била една од најдобрите досега. Американскиот претседател Џорџ Буш по престојот во Брисел заминува за Германија на разговори со канцеларот Герхард Шредер, а в четврток во Братислава ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин.
XS
SM
MD
LG