Достапни линкови

Прва станица - Брисел


Американскиот претседател Џорџ Буш престојува во Брисел, првата станица во неговата петдневна турнеја по Европа. Ова е прв престој на Буш во странство откако кон крајот на јануари годинава го започна вториот претседателски мандат. За денеска е предвидено тој да се сретне со францускиот претседател Жак Ширак.

Разговорите на американскиот претседател Џорџ Буш со европските лидери ќе бидат фокусирани врз ситуацијата во Ирак, Иран и Сирија, како и врз иднината на НАТО. Сето тоа со цел, како што се очекува, во обид да се поправат односите меѓу двете страни кои сериозно беа нарушени по интервенцијата на Соединетите Држави врз Ирак.

,,Денес безбедноста, правдата и напредокот на нашиот свет зависат од способноста на Америка и на Европа да работат за заедничка цел. Тоа ги прави нашите трансатлатнски односи витални како што впрочем беа отсекогаш. За време на мојата посета на Европа со нашите пријатели и сојузници ќе разговарам за тоа како да ги зацрвстиме тие односи во изградбата на мирна и слободна иднина за нашите деца.”

Вели Буш, наведувајќи дека во почетокот на дваесет и првиот век најважните вредности и интереси на Америка и на Европа се идентични.

,,Во изминативе неколку недели светот беше сведок на крупни настани: палестинците гласаа за запирање на непријателствата, украинците за нивните демократски права, ирачаните слободно избираа. Со лидерите на НАТО и на Европската Унија ќе зборуваме за тоа како можеме, со заедничка работа, да ги искористиме историските можности што стојат пред нас.”

Изјави Џорџ Буш кој со раководствата на НАТО и на Унијата, според планираното, треба да се состане во текот на утрешниот ден. Буш исто така во Брисел ќе разговара и со новиот украински претседател Виктор Јушченко, а потоа оди во Берлин на одвоена средба со германскиот канцелар Герхард Шредер, кој заедно со Жак Ширак, беше најголем противник на интеревнцијата во Ирак. По Берлин, Џорџ Буш ќе замине за Братислава, каде што ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин. Турнеја на Буш, како што јавуваат агенциите, ќе се одвива под засилени мерки за безбедност и со многубројни протести против неговата политика.
XS
SM
MD
LG