Достапни линкови

Во загуба извозниците во САД, а во добивка извозниците во ЕУ и увозниците


Ниската вредност на американскиот долар, негативно се одразува врз македонските компании, посебно врз оние чии извоз е наменет за земјите каде како платежна единица се користи оваа валута:

„Во секој случај негативно, бидејќи сме активни извозници. Имаме извоз во Австралија и САД и на тој дел негативно се одразува, затоа што е помала цената на доларот,“

коментира директорката на Европа Савка Димитрова.

На ваквата состојба со доларот, експертите со совет до бизнисмените:

„Повеќе да се ориентираат на пазари каде што се плаќа со други валути, а не со долари, бидејќи губат,“

е ставот на професорот Тихомир Јовановски.

Последниов месец американскиот долар го успори својот пад, односно неговата вредност флуктуира, но сеуште на ниско ниво во однос на еврото. Од ваквата состојба користат оние компании кои ги користат пазарите каде доларот претставува пресметковна единица, за увоз на сопствените суровини:

„Еден добар дел од плаќањата во странство што ги имаме се во долари и падот има позитивен тренд. Така што, позитивно делува,“

вели директорот на Жито Битола Живко Радевски.

Во моментов, во најдобра позиција се наоѓаат оние компании кои својот извоз го имаат ориентирано на пазарите од ЕУ. Или во оние земји каде американскиот долар не претставува пресметковна единица.

„Ние работиме за ЕУ најмногу, нашиот однос во поглед на стопанисувањето е стабилен. Затоа што сите конкуренти ни се европски. Малку имаме со Израел и Турција, ама не се одразува,“

е ставот на првиот човек на „Хај теч корпорација“ Саво Станковиќ. Падот на вредноста на доларот се одразува негативно и врз растот на цената на нафтените деривати, што пак негативно се одразува врз оние бизнисмени кои ги користат овие енергенси:

„Со оваа цена не се работи рентабилно и со оваа цена на мазутот апсолутно не сме во можност да ги покриваме трошоците,“

вели Ѓорѓи Арнаудов, сосптвеник на оранжериите Еко Прима.

Според професорот Јовановски, доларот не може да продолжи да паѓа до бесконечност, односно има граница:

„Постои сепак некоја црвена линија над која не може да оди цената на нафтата. Затоа што е познато, колку паѓа вредноста на доларот, расте цената на нафтата на светскиот пазар.“

Според експертите, крајниот период до кога американскиот долар ќе губи од својата вредност се проценува до средината на 2005 година.
XS
SM
MD
LG