Достапни линкови

Од каде да се почне со реформите?


До крајот на 2005 година треба да се заокружи правната рамка потребна за реформи во судството, што значи да се изменат повеќе закони и Уставот, велат луѓето од судството. Станува збор за промени во материјално-правните закони, како и законите за постапките што во последните осум години доведоа до натрупаност во судовите заради несоодветни решенија, како оние што предизвикуваат одолговлекуавње на процесите. Во тек е промената на законот за парнична постапка, а законот за кривична постапка е веќе изменет.

Како најсериозно прашање се наведува промената во Уставот и тоа во делот што се однесува на составот и надлежностите на Републичкиот судски совет:

,,Неподелено е мислењето дека треба да се промени физиономијата на постојниот орган, во смисла на тоа што мнозинството на членовите треба да доаѓа од редот на судството, поточно тоа да бидат судии, бирани на непосредни избори од самите судии, додека пак, останатиот дел од членови на овој орган, којшто веројатно ќе добие и назив Државен судски совет, ќе бидат членови кои ќе ги бира или Собранието на Република Македонија, во однос на овој орган, се менува и надлежноста. Во однос на овој орган, се менува и надлежноста, затоа што сегашниот судски совет дава само предлог за избор и предлог за разрешување на судии, додека во стратегијата е предвидено да се бираат судиите од идното тело коешто би било утврдено во уставот,”

изјави Ленче Софрониевска, претседател на Републичкиот судски совет. Кога станува збор за ефикасноста на судството и воопшто реформите што треба да се спроведат во европрашалникот се бараше и одговор за периодот во кој се спроведува една судска постапка, прашање што најмногу ги засега граѓаните, каде што пак се вели дека една судска постапка во просек трае околу девет месеци. Овој проблем посочуваат судиите, ќе почне да се надминува по промените пред се во законите за постапките. Но, освен ова има и други причини за долготрајноста на постапките:

,,Не исклучувам дека постојат и субјективни пропусти на судиите, ама тоа не смееме да го генерализираме. Ако се утврдат пропусти во работата на судиите, постојат органи кои може да преземат соодветни мерки. Мислам дека ако се опремат судиите, ако се прилагодат процесните закони, тогаш постапките би биле поефикасни и граѓаните многу побрзо би дошле до остварување на своите права,”

изјави Вели Ведат претседател на Апелациониот суд во Скопје.
XS
SM
MD
LG