Достапни линкови

НАТО е застарена организација


Во текот на изминатиот викенд во Минхен беше одржана меѓународна конференција посветена на безбедноста во светот. Таа, како и претходните, ќе минеше без поголеми изненадувања да не беше прочитана изјавата на германскиот канцелар Герхард Шредер во која тој оценува дека НАТО е застарена организација. Тоа ги шокира учесниците и уште еднаш потврди дека се уште не се заздравени трансатлантските односи.

Герхард Шредер, поради здравсвени причини не учествуваше на конференцијата па така, неговите забелешки за тоа дека НАТО веќе не е главната покренувачка сила на трансатлантската стратегија ги прочита германскиот министер за одбрана Петер Штрук.

,,НАТО веќе не е основно место каде што трансатлантските партнери ги координираат нивните стратегиски идеи. Тоа важи и за дијалогот меѓу Европската Унија и Соединетите Држави и кој во сегашната форма не одговора на растечката важност на Алијансата или на новите предизвици на трансатлантската соработка.”

Германско американските односи беа сериозно нарушени откако Соединетите Држави ја предводеа инвазијата врз Ирак и досега не се обновени. Официјален Берлин во изминативе години постојано велеше дека американското влијание врз НАТО е пресилно. Како и да е, најновите коментари на Шредер предизвикаа вистински шок. Особено и поради фактот што министерот Штрук изјави дека не е во состојба да ги образложи забелешките на канцеларот, додавајќи дека намерата на Шредер не е, како што рече, да го погребува НАТО, туку да ја подобри меѓународната соработка. Имено, во изјавата на Шредер се вели дека условите во Европа и во Соединетите Држави се променети со крајот на Студената Војна и оти Европа бара подлабоко да биде вклучена во донесувањето на одлуките во светот. Неговите забелешки студено беа примени од учесниците на Минхенската конференција. Според американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, НАТО останува најважната воена коалиција во светот и најуспечната алијанса во историјата. Рамсфелд смета дека членството во НАТО не подразбира униформност на погледите за начините за справување со тероризмот и со другите светски проблеми. Членството во НАТО подразбира заедничка цел, вели Рамсфелд:

,,Знаеме дека нашата колективна безбедност зависи од нашата соработка и од меѓусебното почитување и разбирање. Членките на НАТО споделуваат многу повече од самата Алијанса. Ние сме обединети со заедничката цел, со наследството на слободата и со спротивставувањето на екстремистичкото насилство.”

Изјави американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд. Ваквите спротивставени погледи за НАТО на Берлин и на Вашингтон, според аналитичарите, уште еднаш ја покажаа поделбата во самиот трансатлански сојуз во врска со неколку меѓународни прашања. Едно од главните е она со Иран, односно како да се најде решение за наводите дека таа земја се обидува да производе нуклеарно оружје. Имено, додека Европската Унија веќе покрена дипломатски чекори за тоа, Соединетите Држави остануваат на ставот дека Советот за безбедност на Обединетите Нации треба да воведе санкции против Иран.
XS
SM
MD
LG