Достапни линкови

logo-print

Регионализација на Македонија откако ќе се видат ефектите од децентрализацијата


Расправата за воведување двостепена локална самоуправа, односно регионализација, што како идеја, ја промовираат ДПА и ПДП, има за цел, да го одвлече вниманието од реформите и да го релативизира процесот на децентрализација, оценуваат експертите. Во позадина на промовирањето на идејата за регионализација, според Гордана Силјановска, професор на правниот факултет во Скопје, се крие политички маркетинг, кој е контрапродуктивен и има намера процесите на децентрализација да ги врати наназад:

„Почнуваме повторно да правиме еден волшебен круг, со нови и нови приказни. Мислам дека се работи за очигледно нереализирани политичари, на кои им е многу полесно да се исцрпуваат во реторика, одошто навистина нешто во реалноста да покажат.“

Наспроти политичко маркетишките цели на партиите што го отворија прашањето на регионализација непосредно пред локалните избори, според експертите, отворањето на расправа за воведување региони, што претставува терк и во поголемите европски земји, во перспектива е можно. Според Аслан Селмани, професор на природно математичкиот факултет во Скопје, прво треба да се видат ефектите од децентрализацијата, во штотуку креираната нова територијална карта на Македонија, во која бројот на општините од постојните 123 е намален на 85.

„Секоја држава во светот ги има идентификувано тие природно географски региони, тоа не е проблем, но не би требало да брзаме во тој процес. Да видиме како ќе одат работите во економскиот развој во сите сфери, па потоа да видиме можности локалната самоуправа да се организира и на регионален начин.“

Професор Силјановска оценува дека идеите на партиите од албанскиот блок за регионализација не се доволно јасни и оттука, според неа, е потребано да се види, дали зад идејата за региони стои фунцкионален регионализам или политичко – територијален ентитет:

„Функционален регионализам, тоа значи дека општините може да создадат заеднички административни органи, раководени од поефикасно справување со низа функции. Меѓутоа, ако мислат на политичко територијален ентитет, тогаш прашањето е навистина спорно. Значи ли тоа дека ние повторно ќе се зафаќаме со промена на уставот и ќе го оставиме настрана процесот на децентрализација, занимавајќи се со реторички прашања, за кои еве и не знаеме кој што подразбира?“
XS
SM
MD
LG