Достапни линкови

Регионализацијата нема да претставува поделба или кантонизација на Македонија


Регионализацијата која стои како определба на ДПА и ПДП во нивната политичка платформа за престојните локални избори не се со цел да предизвика поделба или пак кантонизација на земјата, туку се бара двостепена локална самоуправа објаснува портпаролот на ПДП Кенан Алиу:

,,Впрочем ДПА и ПДП бараат двостепена локална самоуправа и со тоа ќе се создадат региони. Тоа е тренд во Европа. ДПА и ПДП во континуитет велат дека се за територијалниот интегритет на Република Македонија, па ве молам, ова е европски тренд, не е кантонизација и нема ништо екстремно, уште еднаш повторуваме.”

За пратеникот на СДСМ Славица Грковска, несериозно е во пресрет на изборите да се отвора прашањето на регионализација:

,,Несериозно е сега да се отвора такво прашање, кога ни престојат локалните избори и кога би требало да почнеме со процесот на децентрализација, односно префрлање на ингеренциите од централната на локалната власт.”

Експертите од друга страна се сомневаат во намерите на албанските политички партии. Постои опоасност од кантонизација на овој начин на кој се предлага регионализацијата вели професорот Владо Поповски кој сепак не гледа ништо лошо во двостепената децентрализација која исто така се заговара од ДПА и ПДП:

,,Треба да се отвори проектот за можност од двостепена локална самоуправа. Ама, пред да се измени нормативата, треба екипа на стручни луѓе од сите профили да го аргументираат целиот проект и врз база на стручна аргументација да предложат можна шема и структура, на околии или на втор степен на локална самоуправа. Значи, да се анализира прво, а не во политичка кампања. Првиот степен вчера го изгласавме, уште не му даваме да профункционира а го криткуваме како лош. Да се критикува нешто што не почнало да работи, значи во предлогот се има друга мотивација.”
XS
SM
MD
LG