Достапни линкови

Синдикатот бара 7 илјади евра за секој отпуштен, владата, според законот, дава 8 плати


Денешниот протест на вработените во македонски железници е резултат на неуспешните преговори на синдикатот со управниот комитет и менаџерскиот тим на претпријатието. Со целосна блокада на железничкиот сообраќај, вработените го изразуваат своето незадоволство од конечната одлука на владата, отуштените да добијат отпремнина од осум плати:

„Со овој предупредувачки штрајк сакаме да ја информираме јавноста и да ја натераме владата да седне да преговата за овој проблем. Имавме наши предлози и сугестии, ама за жал, ништи не прифатија. Тоа беше, колку да кажат, дека, ете имавме средба со синдикатите. Ама, не треба само да се има средба, туку треба да се има резултат,“

изјави Марјан Ристевски, претседател на независниот синдикат на „Железници“.

Доколку не се постигне заеднички договор, за утре, синдикалците најавуваат генерален штрајк:

„Господинот Кошутиќ ја презентираше одлуката на владата, дека за оние вработени коишто ќе бидат прогласени за технолошки вишок, отпремнината ќе биде согласно законската регулатива, тоа е од една до осум плати. Ние имавме собир со нашите вработени, го одбија тој предлог и спремни сме за преговори. Доколку не дојде до договор во текот на денешниот ден, можно е од утре во седум часот целосно да се прекине железничкиот сообраќај.“

Од министерството за транспорт и врски велат дека на ниво на влада и управниот комитет, одлучено е социјалните пакети да бидат во согласност со законот за работни односи, т.е., на отпуштените да им бидат исплатени по осум плати. Оттаму велат, дека во една социјална држава, како Македонија не е во ред да се исплатат по 7,000 евра на секој отпуштен, како што бараат вработените. Синдикатот пак, не отстапува од своите барања:

„Ние знаеме дека ако на нас ни се дадат 7,000 евра ќе се створи можеби револт кај другите вработени во државата или прогласени за технолошки вишок, меѓутоа, треба да најдат модус, начин, да објаснат дека железничарите со право треба да земат 7,000 евра. Затоа што, владата ни е финансиски должна, во овој период што не донирала, сами, од наши средства сме ја одржувале фирмата, и сега одеднаш кога претпријатието западна во тешка финансиска состојба, владата туку така да крене раце, не е во ред,“

изјави Ристевки.

Изминатата недела, синдикатот се сретна со претставници на Светската банка. Како можно решение, тие предложиле, отпуштените да добијат преквалификација. За синдикатот, ова е несериозно решение и купување време, пред конечното истакнување на списоците на отуштени работници.
XS
SM
MD
LG