Достапни линкови

Се очекува соопштување формално примирје и отворање на патот за мировни преговори


Израелскиот премиер Ариел Шарон и палестинскиот лидер Махмуд Абас на денешниот самит во Египет се очекува да соопштат формално примирје и да го отворат патот за обновување на мировните преговори. Претставници на Хамас изјавија дека од исходот на денешниот самит ќе зависи и нивната одлука дали ќе го прифатат примирјето.

Израелско – палестинскиот самит во египетското одморалиште Шарм Ел Шеик е прва средба на највисоко ниво меѓу двете страни во последните 4 години. Домаќин е египетскиот претседател Хосни Мубарак, кој претходно имаше одвоени средби ос Абас и со Шарон, а на самитот присуствува и јорданскиот крал Абдула. Ранан Гисин, советник на израелскиот премиер Шарон изјави дека со планот за примирје треба да бидат запрени повеќе-годишните насилства.

„Би можел да го опишам како унилатерално примирје од двете страни со билатерални ефекти. Со други зборови, ќе има соопштение од палестинската страна за прекин на насилствата, а од израелска за воздржување од воените акции со цел да се стабилизира состојбата на теренот.“

Палестинскиот лидер Махмуд Абас вчера изјави дека палестинците уште пред две недели постигнале договор за примирје и оти оттогаш започнале преговорите со израелците за повеќе прашања.

„Но да почекаме до утре и да ги видиме резултатите од самитот. Ние се надеваме дека ќе бидат позитивни и оти ќе го отвориме патот за билатерални преговори и за имплементација на мировниот план.“

Пред денешниот израелско – палестински самит, со Абас и со Шарон се состана американскиот државен секретар Кодолиза Рајс која изјави дека и двајцата ја прифатиле поканата за средба со претседателот Џорџ Буш на пролет во Вашингтон. Буш изрази посебно задоволство од политиката на палестинскиот лидер Махмуд Абас.

„Импресиониран сум од решеноста на Абас да се бори против теророт. Задоволен сум од неговите изјави и секако од фактот што Израел го помогна одржувањето на палестинските избори.“

Инаку, од исходот на денешниот израелско – палестински самит ќе зависи и однесувањето на милитантите на Хамас, кои се одговорни за серија напади врз израелците. Претставникот на Хамас, Махмуд Захар изјави дека по средбата Шарон – Абас, Хамас ќе реши дали ќе ги запре насилствата.
XS
SM
MD
LG