Достапни линкови

Уште најмалку една година до добивањето втор фиксен оператор


Со предложените законски решенија граѓаните најрано за една година ќе може да избираат меѓу повеќе оператори во фиксна телефонија. Притоа, постапката за добивање на лиценца за работа на новата компанија треба да се спроведува во идеални услови без да се пролонгираат роковите за разговори и останатите административни обврски, вели поранешниот директор на Управата за телекомуникации, Зоран Трајчевски. Тој информира дека во останите земји роковите за добивање на лиценци за оператори во телефонијата се многу пократки или околу два месеци. Трајчевски посочува дека предложените решенија се спротивни на некои веке потпишани договори во оваа област:

„30 дена преговараат двете компании, новата компанија, со Македонски Телекомуникации, ако не се договрат, ја информираат Управата за телекомуникации, односно Агенцијата за електронски комуникации, а агенцијата треба да го реши спорот во рок од 42 дена, а во досегашните договори што владата ги има потпишано со Телеком, Мобимак и ОТЕ, тој рок е 30 дена, се поставува прашање зошто се продолжува уште за 12 дена.“

Според него идејата при приватизација на Телеком била веднаш да настапи и либерализација на пазарот, а тоа не е постигнато:

„Требаше да настапи брза либерализација на пазарот, намалување на цената на меѓународниот разговор и зголемување на цената на домашниот сообраќај, зашто таа цена беше премногу ниска, а разговорите кон странство, беа енормно високи. Што се случи? Се случи, цените во домашниот сообраќај да пораснат, а во меѓународниот да не се намалат, значи не се постигна целта предвидена со приватизацијата. За споредба, во Унгарија, десет минути разговор, Унгарија – САД, е 73 денари со ДДВ, кај нас толку е една минута без ДДВ.“

Од надлежните институции во земјава пак најавуваат дека во март ќе биде усвоен нов закон за електронски комуникации со кој ке се постигнат европските стандарди во делот на приклучување на мрежа, движење на цени, интерконекција и слично.
XS
SM
MD
LG