Достапни линкови

Напредок на демократијата низ целиот свет


Американскиот претседател Џорџ Буш во првото обраќање до Конгресот за состојбата на нацијата во неговиот втор мандат ги најави плановите за наредните четири години на таа функција. Тој, меѓу другото, изјави дека изборите во Ирак, Авганистан, Украина и на Палестинските територии покажуваат оти демократијата напредува низ светот.

Претседателот Џорџ Буш оцени дека изборите во Ирак отвориле нова фаза во таа земја и оти се наближува мирот на Блискиот Исток.

,,Новата политичка ситуација во Ирак отвара нова фаза на нашата работа во таа земја. На препорака на нашите командати на теренот и по консултациите со ирачката влада, нашите напори ќе ги фокусираме во подготовката на ирачките сили со цел да станат што поспособни.”

Според Буш, слободен Ирак ќе значи и побезбедна Америка за идните генерации.

,,Нашата земја се уште е цел на терористи кои сакаат да убијат многумина и да не заплашат и затоа ќе останеме во офанзива против нив се додека не ги победиме.”

Што се однесува до блискоисточниот мировен процес, претседателот Буш, во обраќањето до нацијата, изјави дека е блиску моментот кога две демократски држави Палестина и Израел ќе живеат еден до друг во мир и оти во тоа ќе ја имаат целосната поддршка од Соединетите Држави. Сепак, Буш и со предупредување:

,,За да промовираме мир пошироко на Блискиот Исток, ние мора да се конфротираме со режими кои продолжуваат да претставуваат засолниште за терористите и да се стремат да дојдат до оружје за масовно уништување. Сирија се уште го дозволува тоа, а делови на Либан се користат од терористите кои се обидуваат на секој начин да го уништат мирот во регионот.”

Џорџ Буш ја реафирмира неговата заложба да ја употреби дипломатијата за да ги одврати нуклеарните амбиции на Иран и на Северна Кореа.

,,Ние работиме со нашите европски сојузници за да му разјасниме на иранскиот режим дека мора да се откаже од програмата за збогатување на ураниумот и од неговата поддршка на тероризмот. Победата на слободата во Иран ќе значи нов сојузник во нашата војна против теророт.”

Изјави американскиот претседател Џорџ Буш, додавајќи дека главна цел му е ширење на демократијата во светот.

,,Соединетите Држави немаат право, немаат желба и немаат намера да ја наметнат нашата форма на владеење врз кој и да е друг. Тоа е една од главните разлики меѓу нас и нашите непријатели. Наша цел е изградба и зачување на заедница на слободни и независни нации, со влади кои ќе им служат на нивните граѓани.”

Изјави претседателот Џорџ Буш во говорот во Конгресот. Инаку, во врска со домашните прашања Буш вети дека ќе изврши реформи во државниот пензински систем, познат како социјална сигурност. Обраќањето на Буш опозиционите демократи во Конгресот најмногу го критикуваа поради тоа што не содржело јасен план за завршувањето на американското присуство во Ирак.

,,И покрај најдобрите напори на нашите и ирачките сили, Ирак се уште се соочува со насилство и постојан бунт. За три години, претседателот не успеа да состави план за заштита на Америка од тероризмот.”

Изјави конгресменката Ненси Пелоси која е водач на опозицијата во Претставничкиот дом.
XS
SM
MD
LG