Достапни линкови

Силни безбедносни мерки, 12 лица загинаа во напади


Под силни безбедносни мерки, денеска во Ирак се одржуваат парламентарни избори, први повеќе-партиски во последните 50 години. Границите и аеродромите се затворени, а на патиштата е дозволено движење само на службени возила. Сепак, во неколкуте самоубиствени напади и експлозии, најмалку 12 лица биле убиени, вклучувајки и неколку кои чекале пред гласачки места во Багдад. Инциденти имало и во Басра, Бакуба и во Мосул. Меѓутоа, како што јавуваат агенциите, ирачаните излегуваат на гласачките места. Еден од нив во Багдад изјави:

„Сакам да бидам меѓу првите на гласачкото место што ќе покаже дека луѓето не треба да се плашат да гласаат. Ова е ново искуство. Во минатото немавме избор, гласавме само за една личност.“

Ирачкиот привремен премиер Ијад Алави, веќе гласаше, по што изјави дека за прв пат ирачаните сами ќе си ја определат својата судбина. Претседателот Гази Ал Јавер оцени дека денешните избори се ирачкиот прв чекор кон приклучувањето на слободниот свет.

„Горд сум и среќен сум. Честитки до сите ирачани и ги повикувам да гласаат за Ирак. Ова е нашиот прв чекор кон слободниот свет и демократијата која ќе биде гордост за ирачаните.“

И покрај инцидентите, одзивот на гласачите е добар, освен во сунитските градови како Фалуџа, Рамади и Самара. Околу 15 милиони ирачани со право на глас, треба да изберат 275 пратеници во Парламентот, чија основна задача ќе биде избере нова Влада. Парламентот до крајот на годинава ќе треба да го донесе и новиот Устав, по што се превидени нови избори. Американскиот претседател Џорџ Буш вчера оцени дека изборите во Ирак се уште еден удар врз терористите, но оти сите проблеми нема да бидат надминати веднаш.

„Кога демократијата ќе завладее во Ирак, американската мисија ќе продолжи. Нашите воени сили, дипломатите и цивилниот персонал ќе и помагаат на ново-избраната влада да ја стабилизира земјата. Терористите ќе бидат поразени, бидејки ирачкиот народ ја отфрли нивната идеологија.“
XS
SM
MD
LG