Достапни линкови

Предност на дипломатијата, воената опција не се исклучува


Британскиот министер за надворешни работи Џек Строу, по посетата на Вашингтон изјави дека воената акција воопшто не била спомената на разговорите со Кондолиза Рајс.

,,Воената опција воопшто не беше спомната за време на долгата дискусија. Тоа треба да биде јасно. Потпретседателот Дик Чејни изјави дека ќе ја поддржи дипломатијата во пристапот кон Иран. Тоа е тешко прашање за сите бидејќи имаме земја која неспорно не ги почитува мегународните обврски и прашање е како да се врати на патот за почитување на тие правила.“

Од неодамна се засилија шпекулациите за можно преземање воена акција од страна на Соединетите Држави врз Иран. За тоа пишуваше и угледниот магазин ,,Њујоркер“, кој во текстот се повикуваше на анонимни официјални претставници на САД и тврдеше дека следната цел на американските власти во борбата против тероризмот ќе биде Иран. И претседателот на Соединетите држави Џорџ Буш изјави дека ,,сите опции се можни,, во решавањето на проблемот со иранската нуклеарната програма. Потпретседателот Дик Чејни пак, додаде дека Иран се наоѓа на врвот од американската листа ,,за проблематични места“.

Гери Самоур, директор на Меѓународниот стратешки институт во Лондон, смета дека Вашингтон ја прифаќа дипломатската алтернатива за решавање на проблемот, но во исто време е и скептична кон дипломатските мерки за кои се залага Европската Унија:

„Останатите опции не се многу атрактивни, а особено воената опција не е добра, затоа што е малку веројатно дека ќе ги реши проблемите. Исто така, Соединетите држави веќе имаат полни раце со борбите во Ирак. Во исто време сметам дека Соединетите држави се многу скептични е можно дипломатско решение, па чекаат да видат што може да продуцираат Европјаните.“

Иран ги отфрли коментарите на Вашингтон како „психолошка војна,, , истакнувајќи дека земјата е подготвена да се брани од можен напад. Според Самоур, Соединетите држави ја употребуваат воената закана мислејќи дека ќе им помогне да го убедат Иран на дипломатско решение:

„Соединетите држави веруваат дека заканата со воена акција ќе помогне да се убеди Иран да постигне дипломатско решение со Европската Унија. Истовремено сметам дека ако не успее дипломатијата и ако разговорите пропаднат, а Иран продолжи со својата нуклеарна програма, Вашингтон сериозно ќе ја разгледа можноста од воен напад на иранските нуклеарни објекти.“

Соединетите Американски држави и Израел го обвинуваат Иран дека развива тајна програма за нуклеарно оружје.
XS
SM
MD
LG