Достапни линкови

Мобилните телефони опасни за децата под осум години


Мобилните телефони можат да претставуваат опасност по здравјето на децата под осум годишна возраст. Во најновото британско истражување се наведува дека прекумерната употреба на мобилните телефони меѓу децата, чии череп и мозок се уште не се целосно дооформени, можат да предизвикаат појава на тумор на увото и на мозокот. Тоа доведе до барања за забрана на мобилните во училиштата и за прекинување на производството на такви телефони за децата. Сепак, мобилните оператори велат дека ваквите резултати треба да бидат проверени.

Истражувањето на Британскиот одбор за заштита од радиолошкото зрачење ја зголеми загриженоста во таа земја каде што бројот на децата од четири до осум години кои користат мобилни телефони во последниве четири години се зголемил за петстотини проценти. Претседателот на одборот Вилијам Стујарт сепак признава дека истражувањето не нуди конечен доказ за поврзаноста на мобилните телефони и здравствените проблеми кај децата. Од друга страна постојат и мислења дека последиците од електромагнетната радијација да бидат спрчени отколку потоа лечени.

„Ние испитувавме цела година и потоа тоа уште еднаш го сторивме за овој извештај. Она што сакам да го потенцирам се резултатите од едно истражување во Шведска во кое се вели дека се зголемува ризикот од таканаречениот акустички неуром, немалиген израсток во нервот за слушање што може да се забележи кај луѓето што повеќе од десет години користеле мобилен телефон.“

Наведува портпаролот на одборот Мајкл Кларк, додавајќи дека ова е доволна причина за претпазливост што се однесува до децата. Илејн Фокс, професор на Есекс унивезитетот во источна Англија ги истражува ефектите на електромагнетската радијација врз луѓето. Таа се согласува со ваквото тврдење:

„Секако би се согласила со тоа. За мене навистина нема никаква потреба децата на возраст од четири до осум години да користат мобилни телефони.“

Вели Фокс, додавајќи дека постојат одредени луѓе кои се поподложни на електромагнетските зрачења од другите. Од друга страна, повеќето произведувачи на мобилни телефони и оператори веќе одбија да ги модифицираат нивните производи се додека, како што велат, не видат научни докази за поврзаноста на мобилните и здравјето на луѓето.

„Мислам дека извештајот на Националниот одбор за радиолошка заштита ги реафирмира заклучоците од пред пет години и уште еднаш претставува смирување за јавноста дека мобилните телефони се безбедни.“

Смета Мајкл Долан, извршен директор на Асоцијацијата на мобилни оператори во Лондон.
XS
SM
MD
LG